Верушевски негира дека изнесувал прислушувани разговори од УБК и ги давал на СДСМ

Ексразузнавачот Зоран Верушевски, за кого разузнавачите од УБК Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски тврдеа дека нелегалните прислушувани разговори во УБК ги снимале тајно и на цедиња и усб му ги давале нему, на денешното кусо сведочење во Кривичниот суд ги негираше нивните тврдења- пишува СДК. Ја негираше неговата вклученост во преземањето на бомбите, тврдеше дека не нему, туку бомбите тие ги давале во СДСМ, а тој само ги обработувал. Со Костовски, рече, и не разговарал.

„Не обезбедував јас никакви разговори, или други документи. Сѐ што се слеваше како документација во партијата, беше моја обврска, за лидерството да гради политичка стратегија“, тврдеше Верушевски, четвртиот сведок во „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување.

Верушевски денеска рече дека во 2010 година ги добил првите информации за бомбите. Рече дека останува на исказот што го дал пред обвинителот за гонење организиран криминал и корупција во случајот „Пуч“. На барање на обвинителот Артан Ајро да посочи на што точно се сеќава, Верушевски рече дека сè убаво објаснил во исказот кој го дал по неговото апсење. Тој исказ не го ни знаат судиите на „Тврдина-Таргет“, но сведокот си остана на одговорот.

Верушевски кажа дека бил одговорен за безбедноста во СДСМ и дека добил чувствителни информации со кои постапувал.

„До моето лишување од слобода, таа обврска во целост ја исполнив и сите информации кои доаѓаа до партијата го имаа истиот третман. По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност“, се огради Верушевски.

Тој негираше дека некакви материјали му предал Ѓорѓи Лазаревски. Рече дека одговорноста за материјалите била на СДСМ.

„Ѓорѓи Лазаревски беше едно од лицата кои донесуваа документи до партијата. Тоа лице ги доставило материјалите пред моето враќање од Италија во Македонија и продолжи во 2014 година“, се огради Верушевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e