Угриноска: Многу од младите во дијаспората го чекаат правиот момент да се вратат во Македонија

Темата на денешниот Меѓународен ден на Човековите Права како да им е посветен на младите од Македонија кои со својата одлучност под слоганот „Нема правда – нема мир“ беа предводници на „Шарената револуција“ која авторитаризмот во нашата земја го замени со отворена демократија и ги врати перспективите за преобразба на државата во модерно европско општество.

„На денешниот ден Либерално-демократската партија потсетува дека борбата под тој слоган не престанува и дека од неа нема откажување! Нема откажување од слободата на говор, слободата на медиумите, транспарентноста, отчетноста и владеењето на правото. Нема откажување од рамноправноста пред законот, нема откажување од неказнивоста, нема откажување од создавањето на еднакви можности за сите, особено за младите луѓе кои сакаат да останат да живеат во Македонија“ истакна претседателот на ЛДП, Горан Милевски.

„Како либерални демократи се залагаме за слобода на движење како загарантирано човеково право. Сепак, за држава како Македонија, круцијално е квалификуваните млади луѓе со стекнато искуство во странство да се вратат во Македонија и го искористат своето знаење. Македонија има проблем со ‘одливање на мозоци’, но има уште поголем проблем со наоѓање начини да ја врати дисјаспората. Меѓу причините поради кои младите мигрираат се и образовниот и професионален напредок, кои доколку искористени правилно можат да служат како интелектуален капитал за развој на Македонија. Мора да вложиме уште поголеми напори Македонија да го подобри 129-тото место на ранг-листата на Светскиот економски форум (2017) за компетитивност на земјите, во однос на способноста да ги задржи талентираните луѓе“ е ставот на Андреа Угриноска, претседателка на Советот на човекови права на ЛДП.

Либерално-демократската партија го смета претприемачот као централен дел од економијата. Токму младите луѓе се дигитални претприемачи на кои им требаат услови ослободени од административни стеги за креирање на претприемништва кои ќе одговараат на потребите на пазарот но и ќе се одржливи и корисни за општеството. Оттаму и континуираното залагање и придонес на ЛДП за креирање на поволна клима за поддршка на малите и средни компании кои се главни двигатели на економијата.

„Многу од младите во дијаспората го чекаат правиот момент да се вратат во Македонија. Дома си е дома. Многумина од нив следат будно што се случува во државата, како напредува, на каде се движи – и тоа има клучна улога во одлуката дали ќе се вратат. Македонија ќе има шанса за успех ако успее да врати дел од својата стручна и обучена дијаспора дома“ потенцираше Угриноска.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e