Во судскиот процес за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани, Обвинителството денеска преку докази укажува дека голем број објекти во Кочани воопшто не биле во плановите за надзор на Дирекцијата за заштита и спасување.
– Доказите се за 2016 година и се планови за надзор на објекти ризични за пожар, на подрачјето на целата држава. Во нив се утврдени критериуми за проценка за ризик од пожар и други безбедносни ризици. За општина Кочани не е ниту предвиден, ниту е спроведен надзор, не е назначен ниту инспектор како би извршил редовен или вонреден надзор, посочи Обвинителството.
Дискотека Пулс Кочани
Во 2015 година, според Обвинителството, имало амо еден надзор во Кочани во неризичен (продажен) објект, а ризичните не биле поминати.
Ваквите наоди ги негираше поранешниот директор на ДЗС Шабан Салиу кој тврдеше дека на презентираните документи не е неговиот потпис.
Судскиот процес се уште е во фаза на изнесување на материјални докази. Обвинети се 35 лица.
Во пожарот во Пулс на 16 март 2025 загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
