Шокантен случај во земјава: Бебе продадено за 500 евра на пар кој нема деца

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против шест лица поради сомнение за сторено кривично дело „трговија со дете“, поврзано со организирање и реализирање незаконско посвојување на новороденче.

Според МВР, пријавените Ф.А. (63), Ѓ.К. (57), И.Ш. (35), Џ.Ш. (35), С.Ј. (35) и И.А. (38) во текот на 2024 и 2025 година биле вклучени во незаконско посвојување на новородено бебе.

Истрагата покажала дека Ф.А., користејќи ја својата позиција како згрижувач на деца, воспоставувала контакти со заинтересирани брачни парови, додека Ѓ.К. посредувала со родители кои се наоѓале во тешка материјална и социјална состојба. Тие, според полицијата, биле убедувани да се откажат од своите новородени деца во замена за паричен надомест и други бенефиции.

На овој начин, како што наведува МВР, биле убедени С.Ј. и нејзиниот невенчан сопруг И.А. да го предадат своето новороденче во замена за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи.

По напуштањето на болницата, мајката и бебето биле однесени во дом каде што пристигнале И.Ш. и Џ.Ш., кои го презеле новороденчето и го однеле во својот дом во улога на „посвоители“.

Во рамки на истрагата е утврдено дека во октомври 2025 година бил склучен договор за заем од 500 евра меѓу Џ.Ш. и И.А., а парите биле исплатени истиот ден, при што според полицијата тие претставувале надомест за незаконското посвојување на бебето.

По наредба на судија на претходна постапка, на сите осомничени им е определена мерка домашен притвор.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e