„Предавниците“ ги надгласаа „патриотите“

Какви мизерни времиња дојдоа, каква зла судбина ги снајде, да мораат високи функционери на ДПМНЕ да протестираат по ноќни, зимски студови за „правда и слобода“ пред ДИК! Па, чекајте, не беше таков договорот.

Ова требаше да бидат уште едни избори што ќе ги освојат со 65 пратеници и мирно да си одат на новогодишен шопинг во Дубаи и на дочек на Малдиви, откако претходно ќе ја провереа „водосостојбата“ на сметките во Швајцарија и Луксембург…

Аууу, каков таксират ги стрефи, да мора Антонио Милошоски да бара утеха во стиховите од „џуџето од Небрегово“ (Конески), Илче Халки-дикче на протести да го оплакува дебаклот на „брилијантната“ валкана изборна кампања, Валентина Божиновска да мора бундата од леопард да ја валка со искинатите капутчиња на донесениот партиски плебс од македонската провинција, проф. д-р виш научен соработник и примариус за политички хохштаплерај Филип Петровски да се надвикува со американскиот зет Влатко Ѓорчев во заканите до американскиот амбасадор (кого, еве, само што не го протерале кај оџата во Битола да му дувне во уво за да го излечи од уплавот што го беше фатил од страшните закани) и за тоа како они победиле, ама загубиле, односно триумфирале, иако со пораз, и дека нема тоа да помине без да падне крв, па ако треба и во конфликт со полицијата на Чавков која го чува ДИК, ама само во случај ако во сендвичите не добијат уште по едно саламче, оти вака веќе нема живот, лагоден!

И, после, се разотидоа. За среќа, јас на време си ги фатив гаќите да не ми паднат, оти многу ми се стресоа од заканите на Влатко. Седев дома уплашен и си викам, ле-ле, ле-ле, катастрофа, можна ли е Македонија без Фамилијата на власт?!

Груевски не можеше да им се придружи на протестите, бидејќи легнат во џакузито во својот партиски кабинет во новата палата на ВМРО, се подготвуваше за судскиот распит по обвинението од СЈО дека бил главниот инспиратор за вандализирање на општина Центар.

Какви мизерни времиња дојдоа, каква зла судбина ги снајде!

ГОЛГЕТЕРОТ АЛИ

Изборните резултати покажаа дека вкупниот број на „предавниците“ во Македонија е значително поголем од вкупниот број на „патриотите“. Навистина, овој политички пораз на власта виси на влакненцето на постизборната математика, според која спасот за ДПМНЕ да не оди во опозиција е во рацете на „клетите Шиптари“ – каква самоубиствена иронија за нашиве грандиозни патриоти-албаномрсци, да зависат од оние за кои имаат само презир и омраза! Јас не велам дека надежта им е сосема неоснована, бидејќи изборниот дебакл на ДУИ, за кој се вложи голема енергија од двајцата досегашни коалициони партнера во власта, е голема анти-албанска победа на ДПМНЕ – дури, некои од блиските на Фамилијата таквиот изборен резултат го толкуваат и како нанесен тежок пораз врз УЧК во, мирнодопското, „второ полувреме“ од конфликтот од 2001 година. Затоа, ми велат, ДУИ, всушност, во манирот на некаков „Стокхолмски синдром“ кога грабнатиот развива симпатија за грабнувачот, и нема друга опција освен да ја продолжи братската дружба со сопствените политички атентатори, преплашен од сопствената јавност, до своето конечно исчезнување…

 Но, јас, сепак, мислам, па дури сум и уверен во тоа, дека во нашава политичка драмолетка следува поинаков климакс: Ахмети нема да ја пропушти последната историска шанса да спаси барем нешто од сопствениот политички образ и, спасувајќи се себеси, да ги испрати ДПМНЕ и Фамилијата не само во опозиција, туку и на буништето на историјата! Противничкиот гол е сосема празен, Ахмети е на еден метар од гол-линијата, со топката в нозе – што мислите, какви се шансите да промаши или да шутне во сопствената мрежа на другиот крај од игралиштето, за спектакуларен авто-гол!?

ПОСТИЗБОРНА ДРАМОЛЕТКА

Затоа и целата оваа драмолетка околу изборните резултати во продукција на Груевски и неговата партиска дружина има друга цел, а тоа е од „гневот“ и заканите на „победникот на изборите“ да се исплаши меѓународната заедница, па таа да ги притисне оние кои би можеле да формираат влада и без ДПМНЕ да се откажат од таквата можност и да се согласат на создавање на „концентрациона“ или „експертска“ влада, сите на купче за некаков „сенароден спас“, оти стабилноста на Македонија им е и понатаму поважна од нејзината демократска иднина.

Тоа, се разбира, ќе биде најлошата можна варијанта за македонското општество – полоша и од можноста ДПМНЕ и ДУИ самите да формираат влада – бидејќи таквото политички недоносено, „ничие“ сочинение, без јасна политичка одговорност во себе, на краток рок можеби ќе ги намали тензиите, но на средни и подолги патеки ќе ги спречи сите можности за ефективен излез од кризата, со вистинска шанса за реформи кои би довеле до правна и демократска функционалност на државата. Тоа би била јасна политичка победа на Фамилијата, а најверојатно и единствениот „прозорец“ за нејзин правен спас. Тоа би била победа на еден Курц наспроти една Меркел, тоа би било консолидирање на Путиновите и Ердогановите позиции на Балканот, наспроти волјата на гласачкото тело во Македонија.

Во тој случај, не е прашањето што ќе прави Груевски (тој и нема што многу што може да прави), туку што ќе прави Заев, доколку биде „притиснат“ со една таква понуда од потенцијалните албански партнери и од клучните меѓународни фактори?

СО ПЦУЕЊЕ ДО СПАС?

Во таква ситуација, изборот за СДСМ се сведува на три можности: да прифати таква влада и да влезе во „сепартиското“ мочуриште во кое ќе им се придружи на крокодилите на Груевски кои веќе се препелкаат низ калта; да ја одбие таквата можност и да соопшти дека нема против да остане и во опозиција, со оглед на изборните перспективи кои се на дневен ред веќе идната година; или да убеди критичен дел од албанските пратенички потенцијали да му се придружат во формирање влада под водство на СДСМ – или за блокирање на секоја друга можност и одење на нови избори и распуштање на тукушто составеното собрание.
Како што се гледа, енергијата за промени во Македонија, концентрирана кај СДСМ, БЕСА и коалицијата меѓу Села и Унитети, ги држи главните „пост-изборни“ карти во свои раце. Затоа е ДПМНЕ толку нервозна бидејќи, како и во изборната кампања, нивната ролја е реактивна, без можност за конструктивна иницијатива. ДУИ држи нешто од картите в раце, но во нив нема многу адути, туку повеќе можности за блефирање.
На крајот, меѓународната заедница е таа којашто го меша шпилот. Ќе ги уплашат ли нив пцовките на ВМРО-ДПМНЕ?

Сашо Ордановски

(Колумната е објавена во „Слободен печат“)

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e