Ослободителна пресуда за таткото на Васил Јованов

Основниот кривичен суд Скопје донесе ослободителна пресуда за З.Ј., сопственик на возилото со кое беше предизвикана кобната сообраќајна несреќа на булеварот „Партизански одреди“. За оваа несреќа веќе е осуден неговиот син.

Против З.Ј. се водеше постапка за кривично дело „Загрозување на безбедноста на сообраќајот“. По анализа на доказите, судот оцени дека дејствијата за кои тој се товареше не ги содржат законските обележја на ова дело.

Според образложението на Судот, сопственоста на возилото не е основа за кривична одговорност во ваков случај.

„Имено, согласно образложението на пресудата, судот оцени дека кривична одговорност не може да се заснова врз самата околност што обвинетиот е сопственик на возилото и што неговиот полнолетен син управувал со тоа возило без возачка дозвола.“

Судот појаснува дека ваквото однесување во македонското законодавство е регулирано и санкционирано како прекршок во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Поради тоа, не може преку проширено толкување на кривичниот закон да се создаваат нови облици на одговорност.

Во пресудата јасно се дефинира и границата помеѓу прекршочно и кривично дело.

„Повторувањето на едно прекршочно однесување, само по себе, не го претвора во кривично дело. Бројот на прекршоците не може да создаде нов правен квалитет на дејствие доколку не се исполнети законските обележја на конкретното кривично дело.“

Со оваа одлука, кривичната постапка против сопственикот на возилото е финализирана со ослободување од вина.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e