ОЈО бара затвор за Јанакиески за случајот Топлик и комплексот „Сончев Град“

Од изнесените докази во текот на постапката во целост се потврди дека дејствијата на ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и членовите на Комисијата за јавно наддавање и нанеле штета на Буџетот на државата во висина од еден милион евра, како исплатена камата на израелската фирма „Сан сити” поради неспроврдливоста на договорот од спроведеното јавно наддавање за продажба на земјиштето за комплексот „Сончев град”, изјави денеска во завршен збор Јавниот обвинител Бурим Рустеми на судењето за случајот „Топлик”.

Обвинителот Рустеми, побара од Судот да ги прогласи за виновни за „злоупотреба на службена положба и овластувања” и им изрече ефективни казни, со оглед на степенот на кривична одговорност и последиците од делото, како и фактот дека воопшто не изразиле каење во текот на постапката.

Јанакиески, пак, истакна дека во предметот „Титаник“ прифатил одговорност и таквото прифакање го смета за висок морален чин,  но, во овој предмет е сигурен во својата невиност и тоа ќе го потврди во неговите завршни зборови.

Факт е, нагласи во својот завршен збор обвинителот Рустеми, дека проектот за изградба на комплексот „Сончев Град“ од 100 милиони евра директно го координира Миле Јанакиески, како и постапката за спогодба и отуѓување на земјиштето.

– Фактот дека Миле бил решен да се реализира јавното наддавање се гледа од притисокот врз работата на ченовите на првата Комисија, кои поради немање нумерички податоци за парцелите одбиле да го објават јавното наддавање, по што тој ја разрешил и формирал нова Комисија во која членуваат сега обвинетите. Тие иако знаеле дека претходната Комисија одлучила дека нема услови за прогласување на јавно наддавање, за да ја исполнат желбата на првообвинетиот веќе утрешниот ден на 04.04.2007 година го објавиле јавното наддавање со истите недостатоци и без нумерички податоци за парцелите со што нивната продажба била неспроведлива и со тоа го прекршиле законот, изјави Рустеми.

Апсурд на одбраната на сите обвинети дека не биле надлежни за објавата, нагласи Рустеми, е што со нивната изјава се контрадикторни со информацијата која ја доставиле до министерот Миле Јанакиески и самите ја потпишале документацијата пред објавувањето на јавното наддавање.

Обвинителот Рустеми посочи дека од вештачењата се гледа дека од вкупно 616 парцели од јавното наддавање само за 24 имало нумерички податоци, со што израелската фирма, која го добила јавното наддавање четири години не можела да почне со градба, по што ги активирала гаранциите од еден милион евра.Случајот го води судијата Осман Шабани.

Бранителот на Миле Јанакиески, адвокатот Дончо Наков, во завршен збор укажа на тоа дека во судницата за овој предмет го нема единствениот надлежен орган кој може да се произнесе за настанатата штета.

– Денеска никој не пријави штета, ниту по висина и основ, ниту каде и како произлегува штетата. Не може обвинителот, се знае кој може да се произнесе за штета, изјави Наков.

Одбраната се осврна и на прашањето за овластен тужител, укажувајќи дека постапката почнува од обвинителен акт на СЈО од 2017 година, а завршува со друго обвинителство ОЈО.

Наков, исто така, реагираше дека иако предметот се однесува на продажба на градежно земјиште никаде во текот на постапката не се зборувало за Законот за земјиште и некои прекршени норми.

Освен првообвинетиот Јанакиески, обвинети се уште петмина од Министерството за транспорт и врски, кои биле членови на Комисијата за јавни наддавања, се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластувања.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e