Николовски за акцијата на Царинската управа: Нема да дозволиме никој да профитира на грбот на граѓаните

Царинската управа на Република Северна Македонија на 10.02.2021 година до Основното јавно обвинителство во Гевгелија поднесе кривична пријава против две правни лица со седишта во Тетово и Гевгелија и против 3 одговорни лица, поради основано сомневање дека е сторено кривично дело „Недозволено тргување со меѓупроизводи, етил алкохол и тутунски добра односно стоки“, што е казниво по член 60, став 5 и став 6 во врска со став 1 од Законот за акцизи.

Станува збор за увезен необработен тутун, со вкупна количина од 146.278 кг. нето, пуштен во промет во акцизното подрачје на незаконит начин, без притоа да се плати акциза во вкупен износ од 281.585.150,00 денари и камати за ненавремено плаќање од 12.505.380,66 денари или вкупно 294.090.531 денар, односно повеќе од 4,7 милиони евра.

700x450-crop-90-2

Имено, се работи за десет увози на тутун во лист од типот „Вирџинија“ реализирани од страна на правното лице од Гевгелија во месец  декември 2017 и во текот на цела 2018 година година, по што увезениот тутун наместо да се доработи е пуштен во промет на незаконски начин без да се плати акциза.

Во координација со Основното јавно обвинителство од Гевгелија, инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа извршија претреси на повеќе локации во Скопје заради обезбедување на докази во врска со случајот.

Токму поради огромните штети од нелегалната продажба на режан тутун во државата, Царинската управа во координација со Пазарниот инспекторат и Националниот координативен центар за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Биро за јавна безбедност-МВР и други надлежни државни институции спроведува постојани акции за сузбивање нелегална продажба на тутун и тутунски производи.

“Спроведената акција од страна на Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат, е уште еден показател, дека нема компромис кога станува збор за прекршување на законите и оштетување на буџетот на коруптивен и криминален начин, во случајов недозволена трговија со тутун.

Како координатор на надлежните антикорупциски институции, меѓу кои е Царинската управа и инспекциските служби, бев детално запознаен со случајот и бев во постојна комуникација и координација со Управата и со Државниот пазарен инспекторат. Избегнувањето на плаќање на давачки како што е неплаќањето акциза, е еден од ризичните фактори за корупција при увозот и извозот на стоки, кои сериозно го оштетуваат буџетот. Ги охрабрувам Царинската управа, Државиот пазарен инспекторат и другите надлежни институции да продолжат со координираните и интензивни акции за сузбивање на нелегалната продажба на тутун и тутунски производи. Нема да дозволиме никој да профитира на грбот на граѓаните, тутунопроизводителите,  и на компаниите кои чесно, законски работат и ги плаќаат давачките кон државата” – истакна вице-премиерот Николовски.

Само изминативе денови, во рамките на своите редовни активности на Одделението за истраги при Царинската управа и Државниот пазарен инспекторат успешно се реализирани акции за заплена на режан тутун кој нелегално се продава на зелените пазари при што се запленети 284,5 килограми режан тутун наменет за нелегална продажба и 413 кутии по 200 парчиња или вкупно 82.600 парчиња филтри за полнење на цигари. Од страна на Државниот пазарен инспекторат изречени се 11 платни налози за нерегистрирана дејност.

Нелегалната продажба на режан тутун го загрозува здравјето на граѓаните и е пропратена со непочитувања на одредбите од повеќе закони и подзаконски акти, а кои продуцираат штети на државата и државниот буџет.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e