Николовски: Треба да сме фокусирани на следната демократска борба – онаа за носење правдина

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски упати честитка до сите граѓани на Република Северна Македонија по повод големиот државен празник Илинден.

„На денешен ден во 1903-та македонскиот народ даде големи жртви во желба за слобода, независност, сигурност. За остварување на вековниот сон за живот во безбедна држава со извесна иднина се чекаше многу, стотици години. За среќа, сигурноста и извесноста сега ја имаме.“ – порача Николовски.

„Со членството во НАТО и отворените преговори со ЕУ една голема грижа не мора веќе да ни тежи на плеќите. Но, треба да сме фокусирани на следната демократска борба – онаа за носење правдина.

Во таа борба немаме избор освен да влеземе сложно. И позиција и опозиција. Луѓе од сите етнички заедници, млади и стари. Имањето на фер општество во кое човекот е сигурен дека можностите се еднакви за сите е придобивка која мора да е следен чекор за сите.“ – истакнува Николовски.

„Иако сме сè уште млада демократија, имаме лекции за учење и јасен пат за одење. Сложноста во следниот период ќе одреди колку брзо ќе зачекориме по правиот пат. За многу години Илинден!“ – заклучи генералниот секретар на СДСМ Николовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e