Министерството за земјоделство оценето како најтранспарентно министерство

Активната транспарентност на министерствата и на општините и во 2019 година останува на ниско ниво, иако е порасната во однос на лани. Процентот на исполнетост на обврските за проактивно објавување на информациите кај сите 97 вклучени институции изнесува 56% (од можни 100%) и е зголемен за 12,5 процентни поени во однос на лани (кога просечно изнесуваше 43,5%), стои во Индексот на активна транспарентност 2019 од Центарот за граѓански комуникации.

Трета година по ред, проактивното објавување информации на министерствата е во пораст и тие се значително подобри од општините кои, пак, по двегодишно влошување, првпат бележат подобрување во активната транспарентност. Просечната активна транспарентност на министерствата изнесува 77,6%, додека на општините 51,7%.

Според градацијата на активната транспарентност, најмногу институции, 42%, има во групата со ’добра‘ транспарентност, а најмалку во најлошата група со ’многу слаба‘ транспарентност. За разлика од лани, кога во најдобрата група со ’многу добра‘ активна транспарентност имаше само 2% од институциите, годинава во оваа група има дури 13% од институциите.

Битола го задржа севкупното прво место од лани, додека од министерствата, годинава најдобро рангирано е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое се наоѓа на второто место. Во однос на регионите, Источниот Регион му го зазеде ланскиот примат на Пелагонискиот Регион, додека Скопскиот Регион падна на последното место. Најмалку информации и министерствата и општините објавуваат за финансиите, и тоа министерствата 57%, а општините само 26% од информациите што треба да ги објавуваат. Кога станува збор за одговор на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со иста содржина, општините одговорија во просек за 21 ден (лани за 20 дена), а министерствата за 34 дена (лани за 41 ден). Но, за разлика од лани, кога одговорија сите институции, годинава дури 12% од институциите не одговорија на барањата.123

Општото ниво на активна транспарентност кај министерствата е зголемено за 11,6 процентни поени, од 66% лани на 77,6% годинава. Подобрувањето, сепак, е помало од ланското кога просечната активна транспарентност на министерствата скокна за 18 процентни поени. Пораст на активната транспарентност има кај сите министерства. Најуспешни, односно министерства со најголемо подобрување на активната транспарентност се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со скок од 23,2 процентни поени, Министерството за транспорт и врски и Владата, со скок од по 22,5 поени, како и Министерството за животна средина и просторно планирање, со скок од 20,2 поени.

ministerstva.jpg

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e