Македонија добива пет нови авиолинии

Македонија во наредниот период ќе добие пет нови авиолинии, со што дополнително ќе се прошири мрежата на воздушни врски кон европските дестинации. Најавата ја соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој истакна дека земјата продолжува да го развива авионскиот сообраќај и покрај предизвиците со кои се соочува глобалната авиоиндустрија.

Една од новите линии ќе биде воспоставена меѓу Виена и Охрид, а летовите ќе ги реализира австриската авиокомпанија „Австрија ерлајнс“, објави 4news.mk Според Николоски, оваа врска ќе овозможи полесен пристап до бројни европски и прекуокеански дестинации преку австриската престолнина.

Воедно, авиокомпанијата „Виз ер“ ќе отвори две нови линии кон охридскиот аеродром од полските градови Вроцлав и Краков. Се очекува овие летови да придонесат за поголем број туристички посети од Полска и дополнителна промоција на Охрид како туристичка дестинација.

Нови дестинации добива и скопскиот аеродром. Во иднина ќе бидат воспоставени директни летови до Палермо на Сицилија и Алгеро на Сардинија. Иако интересот за овие линии се очекува да биде најголем во текот на летната сезона, тие ќе продолжат да функционираат и во останатиот дел од годината.

Министерот посочи дека Македонија има и значајна улога во регионалниот воздушен сообраќај преку снабдувањето со авионско гориво. Тој нагласи дека скопскиот аеродром целосно го снабдува со керозин аеродромот во Приштина, а делумно и аеродромот во Ниш, што, според него, претставува показател за добрата организација и капацитетите со кои располага земјата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e