Левица: Оливер Миланов од АХВ да си поднесе оставка по скандалот со млекарниците

Политичката партија Левица побара оставки од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, и од директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, по објавените информации за утврдени неправилности кај дел од млечните производи на македонскиот пазар.

Од партијата оценуваат дека случајот отвора сериозни прашања за функционирањето на институциите задолжени за контрола на безбедноста на храната и заштитата на јавното здравје. Според Левица, надлежните институции не постапиле навремено за да спречат производи со состав различен од декларираниот да стигнат до потрошувачите.

Во реакцијата се посочува дека неправилности биле утврдени кај производи на повеќе компании, меѓу кои Бела Фарм, ПК Златибор, Маврово, Милком, Сентис АГ, Ѓоргиеви, Тетовска млекара, Продукт и Норд Милк.

Левица дополнително изразува сомнежи во врска со случајот со млекарата „Ѓоргиеви“ од Радовиш, наведувајќи дека нејзиниот сопственик е советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, што според партијата отвора прашања за можни политички влијанија и институционална заштита.

Од партијата бараат целосно расчистување на случајот, транспарентно објавување на сите информации поврзани со утврдените неправилности, како и утврдување на евентуална одговорност кај надлежните институции и раководни лица.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e