Финансиското друштво „Креди јес“ остана без дозвола за работа, но граѓаните кои имаат земено кредити од компанијата се должни да продолжат со редовна отплата на ратите, соопшти Министерството за финансии.
Од таму појаснуваат дека законот не предвидува отпишување на долгови, па обврските од договорите остануваат важечки и по одземањето на лиценцата. Доколку должниците не плаќаат навреме, ќе им се пресметуваат дополнителни камати.
„Креди јес“ нема право да одобрува нови кредити, но може да ги наплаќа постојните побарувања, а компанијата треба да започне постапка за ликвидација или стечај.
Од Министерството додаваат дека граѓаните кои сметаат дека се оштетени имаат право да покренат судска постапка.
