Коневски: Да дадеме можност целото членство да го избира претседателот

Веќе имаме собрано две третини од делегатите кои треба да ја изгласаат довербата или недовербата на актуелниот претседател. Јас сум сигурен дека овој Конгрес ќе биде успешен. Интересот е огромен да се променат состојбите во нашата партија. Имаме неколку последователни изборни порази, така што неопходна е една поширока дебата, да се разговара пред тие луѓе кои му дадоа доверба на Мицкоски и потребата да се има одговорност е на највисоко ниво во секоја демократска партија, изјави Ивица Коневски, во „Утрински брифинг“.

– Ние се имаме консултирано со голем број на правници и луѓе кои ја работат оваа тематика и врз база на тоа сметаме дека сме на вистинска патека во една правно-регуларна процедура да го организираме Конгресот кој е највисок орган во партијата и врз база на тоа гласањето на делегатите има најсилно дејство. Многу работи во самиот Статут не се пропишани и се предмет на толкување. Но, ние не сме суд, доколку стасаме до ваква работа, сигурни сме дека правно и регуларно ја водиме целата процедура, вели Коневски.

Кај нас, вели Коневски, секогаш постои желба да најдеме заеднички јазик и Мицкоски да учестува на тој Конгрес. Целта, според него, е обединување на партијата и од Конгресот да излезе посилна и со посплотено членство.

– Оттаму и постои желбата кај нас и Мицкоски да присуствува на тој Конгрес. На крајот на краиштата, може на тој Конгрес да го промениме Статутот, да дадеме можност целото членство да гласа за претседател на партија, а тој подоцна нека се кандидира. Значи спремни сме за компромис, но не сме спремни да допуштиме партијата да ја води на начин како што ја води до сега – на недемократски начин со обвинувања за сите кои бараат негова одговорност, додава Коневски.

Пратениците во парламентот се пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, не на Мицкоски и сигурен сум дека ако дојде до промена на Мицкоски тие пратеници ќе го поддржат новот раководство, вели Коневски.

Телевизии и портали се под директна контрола на Мицкоски, цел сме на секојдневни притисоци и шиканирања

Коневски изнесе забелешка дека немале пристап на Алфа ТВ за да ги искажат нивните ставови, ниту во, како што вели, „во порталите во кои верував до пред некое време“. Тие, според него, се целосно контролирани од Мицкоски и жално е што не можеле да ги соочат ставовите на еден проопозициски медиум.

– За таква дебата сме спремни во секое време. Но, таму немаме пристап. Еднонасочни се емисиите, во смисла на интересот на Мицкоски, а ако гледаме подалеку тоа е против интересите на ВМРО-ДПМНЕ. Имаме притисоци преку социјалните мрежи, најчесто од луѓе блиски на Мицкоски. За мене ова е ненормално, се труе граѓанството. На овој начин се служеше сегашната власт и на локалните избори во 2017 година. Не се бираат средства. Таа црна кампања штети на целото општество и долгорочно и прави штета на целата држава, додава Коневски.

Поранешниот градоначалник на Аеродром за сабота најави промоција на слоганот за Конгресот.

– Се надевам дека потоа ќе се пријават повеќе кандидати за претседателската функција. Најсреќен ќе бидам доколку избереме претседател на партијата за кој ќе гласа целото членство, вели Коневски и додава дека постои можност да се избере и колективно претседателство кое во одреден рок ќе го смени статуот и потоа на редовен конгрес целото членство да го избере претседателот.

Целиот разговор со Ивица Коневски можете да го погледете во видеото

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e