Јанчев до Муцунски: Во партијата, како и во бизнисот, со лузери не се стигнува далеку!

Откако вчера секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, реагираше на изјавата на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, дека планира да го преземе ВМРО-ДМПНЕ, и му порача како партијата не е акционерско друштво, па да биде преземена, се огласи и Јанчев.

По неговото интервју за „Фокус“ во кое раскажа за своите гледишта околу актуелната состојба во ВМРО-ДПМНЕ, и повторно му порача на Христијан Мицкоски да си оди од партијата по доживеаните изборни порази, но и најавата дека ќе ја преземе партијата, со цел да се оди напред, и да се има просперитет, Муцунски преку социјалните мрежи му порача на Јанчев дека легимитетот го даваат и одземаат членовите.

Јанчев вели дека се согласува со Муцунски, како ВМРО-ДПМНЕ не е акционерско друштво, а уште помалку ДООЕЛ. Исто така, вели дека членовите се оние кои ќе одлучат кој ќе ги води, но исто така му одговори на Муцунски дека треба да се победат лузерите во партијата.

-Се согласувам дека ВМРО -ДПМНЕ не е АД, и уште помалку сметам дека е ДООЕЛ. Се согласувам дека статусот и функцијата треба да се добијат демократски, односно целосно спротивно од начинот на кој Мицкоски беше избран. Беше единствен кандидат форсиран и определен од поединци. Јас не би сакал да го преземам ВМРО-ДПМНЕ на начинот на кој што Мицкоски стана претседател. Напротив, ќе се борам партијата да се нормализира и демократизира. Да се организира фер и демократски конгрес на кој ќе може да учествува секој чесен вмровец кој има визија, програма и енергија да го врати ВМРО на победничката патека, вели Јанчев.

Додава дека во партијата е слично како и во бизнисот, не може да се оди напред ако се толерираат оние кои прават сплетки и кои се губитници.

-Ако јас во бизнисот толерирав лузери и сплеткароши никогаш немаше да го постигнам тоа што го постигнав. Ако во општината се опкружев со полтрони и интересџии никогаш Кавадарци немаше да биде ова што е денес. Затоа и го употребив тој термин, кој кај вас предизвикува реминисценции за начинот на кој ова раководство го презема ВМРО. Не, јас сакам членовите да одлучат кој ќе ги води. Знам, вас тешко ви е тоа да го прифатите, исто како што тешко ви е да признаете дека со Мицкоски на чело, ВМРО-ДПМНЕ нижи само порази. Зошто би го поддржале тогаш Мицкоски? За да продолжиме да губиме? Не, доста е. Ќе ги поразиме лузерите во партијата и ВМРО повторно ќе победи. Да живее победничко ВМРО-ДПМНЕ – порача Јанчев.
Извор: Фокус

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e