Дваесет македонски градоначалници не можат ништо да работат. Еве кои

Дваесет од новите градоначалници, иако регуларно избрани, не можат битно да ги менуваат условите во Општините оти наследија блокирани општински сметки. Ќе функционираат како англиски кралици, на врвот на општинската хиерархија, но само административно. Така дел од нив сами ја опишуваат функцијата што ја вршат.

Сите отплаќаат стари долгови. Кај некои презадолжувањето кое довело до блокирање на сметката е уште од времето на поранешна Југославија, а низ годините долгот растел поради камати, но и поради дополнителни задолжувања кои ги правеле градоначалниците за да реализираат по некој проект. Додека им е блокирана сметката тие можат да се грижат само за тековно одржување и да одвојуваат средства за плати и надоместоци за вработение. Надлежните судови им одредуваат лимит на средства кои можат да ги повлекуваат од блокираната сметка за да можат да функционираат. Сите други средства што стигнуваат на сметката, кои го надминуваат лимитот, одат за отплата на долговите.

Новите градоначалници немаат избор, мораат да работат за отплата на долговите без оглед што сите имаат нови проекти во изборните програми. И сите, без исклучок, за враќање на долговите се надеваат на помош од централната власт, односно од Министерството за финансии и од Владата. На ваква помош велат дека се надеват оти долговите на општините биле направени со дозвола од централната власт или, пак, долговите за реализација на проекти во општините кои биле обврска на централната власт само биле префрлени за отплата на локалната власт.

Согласно со евиденцијата на Министерството за финансии, по завршување на изборите, заклучно со 30.10.2017 година 20 општини имаат блокирани сметки. Под блокада се Зрновци, Пласница, Ресен, Делчево, Охрид, Струга, Пехчево, Куманово, Градско, Брвеница, Тетово, Ранковце, Сопиште, Берово, Карбинци, Старо Нагоричане, Неготино, Чашка, Долнени и Врапчиште.

Список на Општини со блокирани сметки заклучно со 30.10.2017 година

Од Министерството за финансии нагласуваат дека блокираните сметки на општините и нивниот број е податок кој се менува на дневна основа, имајќи предвид дека Министерството за финансии ги извршува налозите за извршување согласно со расположливите средства на сметките, односно од средствата на должникот на сметките расположливи за извршување кои ќе преостанат над дозволениот месечен износ за трошење.

Според член 218 од Законот за извршување, врз предмети и права на единиците на локална самоуправа и јавните претпријатија не може да се спроведе извршување за наплата на парични побарувања доколку тие се неопходни за извршување на нивната дејност, односно задачи. Кои предмети и права се неопходни за вршење на дејноста и задачите на должникот, ќе определи претседателот на судот на чие подрачје се спроведува извршното дејство, ако во текот на спроведувањето на извршувањето странките за тоа прашање не се согласат или инаку се укаже тоа како потреба.

Иако не е со блокирана сметка, град Скопје исто така се соочува со проблеми бидејки е меѓу најзадолжените, има за враќање 33 милиони евра.  

Новиот скопски градоначалник, Петре Шилегов, осум дена по доаѓањето на функцијата откри дека Град Скопје има огромен долг, наспроти градската каса, која не била во минус.

„Беше делумно презентирана информација од мојот претходник, а тоа е дека Градот бил оставен полн со пари. Точно, на денот на преземање на должноста градоначалник на тековната сметка на Градот имаше околу 850 милиони денари, меѓутоа заклучно со 15.10. 2017 година беа склучени договори и преземени обврски во висина од 2 милијарди 850 милиони денари. Тоа е сега предмет на анализа на администрацијата да видиме што од тие склучени договори не мора да се реализираат или во кој обем ќе може да се намалат трошоците за тие минус 32/3 милиони евра да бидат намалени за да не ни се случи Градот идната година да работи за договорите коишто Никола Груевски ги имал склучено во Градот Скопје“, рече градоначалникот Шилегов.

Долговите на Град Скопје, во најголем дел, се кон градежни компании.

Весна Гарванлиева-Андонова, постар економист во Центарот за економски анализи, вели дека додека сметките им се под блокада, општините можат да функционираат само административно, а тоа најмногу се одразува на граѓаните.

„За општината да функционира нормално, неопходно е да има отворена сметка. Кај оштините кои имаат блокирани сметки најмногу губат граѓаните. Во такви општини нема реализација на поголеми зафати, не се работи ефикасно. Општината постои само административно, се грижи за тековно одржување и плати на вработените, имаат тешкотии за плаќање на обврските кон други добавувачи, па тоа генерира нови долгови и уште поголемо оптоварување“, вели Гарванлиева-Андонова.

Со оглед на тоа што секое задолжување на општините мора да биде одобрено од централната власт, Гарванлиева-Андонова смета дека и за надминување на лошите состоби на сметките е потребно системско решение.

Дополнителни информации за општините прочитајте на Макфакс

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e