Денеска се одлучува дали Северна Македонија ќе почне преговори со ЕУ

Во Брисел попладнево започнува дводневниот самит на лидерите на Европската Унија, на кој една од точките на разговори ќе биде одлуката за почеток на преговори за Северна Македонија и Албанија.

ЕУ не успева да постигне компромис по ова прашање веќе година и половина, пред сѐ поради противењето на Франција, која смета дека е неопходно прво да се реформира процесот на преговори со земјите кандидати пред да се даде зелено светло за други земји. Додека огромното мнозинство членки на ЕУ сметаат дека во најмала рака треба да се даде зелено светло за Северна Македонија за да се одржи кредибилитетот на Унијата.Шансите за Албанија се речиси непостоечки, што беше потврдено вчера меѓу редови од страна на францускиот претседател Емануел Макрон, кој го нагласи проблемот со огромниот број барања за азил од Албанија откако е укинат визниот режим за оваа земја.

Засега не е јасно дали проширувањето ќе биде на дневен ред денеска или утре, претседателот на Европскиот Совет треба да ја прецизира агендата на разговори утрово.

Одреден број земји членки се на став дека Франција ќе бара нешто за возврат за да попушти за Северна Македонија, еден од проблемите на Париз е договорот околу седумгодишната финансиска рамка на ЕУ и сопствените средства на Унијата, каде е во судир со Германија. Париз бара и да се задржи задоволително ниво на средства за заедничката земјоделска политика за која бројни земји членки сметаат дека е застарена и треба да се реформира, или да се намалат финансиските средства кои и се наменети. Франција исто така ќе бара од своите европски партнери такса врз горивото за авионите и бродовите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e