Македонската православна црква – Охридска архиепископија и православните цркви кои се раководат според јулијанскиот календар денеска ја одбележуваат Црковната Нова година, односно 1 септември според стариот календар.
Празникот го означува почетокот на новиот годишен богослужбен циклус, познат како индикт, и носи порака за духовна обнова, мир, љубов и исполнување на христијанските добродетели.
Според архимандрит Иринеј, празникот потсетува на настан од земниот живот на Исус Христос, кога во синагогата во Назарет ја прочитал книгата на пророкот Исаија и објавил дека се исполнило пророштвото за „благопријатната година Господова“.
Црковната Нова година била востановена на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 година. Во црковната традиција, септември се смета за почеток на новиот богослужбен круг и време за духовно преиспитување и обновување.
На овој ден верниците се молат за мирни времиња, здравје, благосостојба, љубов и добар живот, но и за отстранување на раздори, немири и меѓусебни конфликти.
Пораката на празникот е новата година да биде почеток не само на нов богослужбен циклус, туку и на духовна обнова, добри дела и посветен живот.
