Ден на дрвото или ден на апсурдот: Еден ден се сади, 364 дена се сече

Поради непрекинатата бесправна сеча на шумите и зелените масакри во градовите, граѓаните се повеќе го доживуваат „Денот на дрвото“ како партиско-пропагандна, отколку еколошка акција, пишува Дојче веле.

МВР работи на целосно расветлување на два случаи на изборен поткуп, кој го пријавиле двајца прилепчани и жители од Демир Хисар. Во првиот случај, припадник на ВМРО-ДПМНЕ наводно вршел паричен поткуп, нудејќи им сума од 60 евра доколку на денот на изборите гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Во вториот случај на гласачи им била нудена можност за бесправна сеча на дрва. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера од Битола најави дека МВР интензивно работи на расветлување на овие случаи.

Пријавата за поткуп со бесправна сеча на дрва во Демирхисарско, доаѓа само еден ден пред големата акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, која денеска ќе се одржи по 17-ти пат и најилустративно ја отсликува вистинската „грижа“ за шумскиот фонд на Македонија. До денес ефектите од акцијата не се познати. Доказ за тоа е што надлежни лица даваат различни податоци за годишниот просек на зафатени дрвца (од 60 до 90 отсто) но и за вкупниот (од 30 до 60 отсто). Податоците на ЈП „Македонски шуми“ и на Државниот инспекторат за шумарство не се совпаѓаат ниту за бројот на насадени дрва, ниту за просечната годишна сеча. Нивните податоци уште помалку се совпаѓаат со податоците на Државниот завод за статистика. Нема одговор дали е тоа резултат на користена различна методологија при обработката на податоците, или е резултат на злоупотребата на оваа корисна еколошка акција во пропагандни цели на власта, за презентирање што поголеми бројки.

Mazedonien Protest für Grünflächen in Skopje (DW/K. Ozimec)Граѓаните на Карпош во Скопје во одбрана на зеленилото, архива

Масакрирано зеленило

Таква грандиозна бројка е најавена и за денешната акција. Треба да бидат засадени два милиони шестотини и дваесет илјади садници, а акцентот е ставен на најзагадените градови – Скопје, Битола, Кичево и Тетово. Бидејќи тоа се градовите каде девастирањето на зеленилото доживеа најголеми димензии, акцијата повеќе се доживува како пропагандно-партиска отколку еколошка, па во изборната кампања доживува многу критики. Павле Трајанов од Коалицијата за промени и правда, кој вчера го презентираше планот за гасификација како една од мерките кои ќе придонесат за зачувување на зеленилото и шумскиот фонд во Македонија, упати критики на адреса на узурпаторите на акцијата.

„’Денот на дрвото’ е идеја која беше за доброто на сите. Но откако власта насилно ја презеде и узурпира од Борис Трајанов, Бубо Каров и други активисти кои претходно ја промовираа, таа ја исполитизира и криминализира акцијата. Ефектите од потрошените над 60 милиони евра се поразителни. Многу се украде, а малку зеленило имаме“, рече Трајанов.

Скопјани не веруваат во искрените мотиви за оваа акција, со оглед дека многу пати беа сведоци на „зелени масакри“ во интерс на нови градби во градското јадро, а нивните протести против сечата на градското зеленило редовно беа ставани во политички контекст. Така беше и при сечата на дрва во паркчето кај „Бристол“, во кампусот на УКИМ, кај новото партиско седиште на ВМРО- ДПМНЕ и на многу други локации во градот. Бесправната сеча на дрва се покажа и како еден од клучните фактори за големите последици од поројните дождови кои годинава предизвикаа голема поплава во околината на Скопје. Статистиката засега не ги потврдува ефектите од акцијата за пошумување. Просекот на зеленило во европските градови по глава на жител е 16 квадратни метри, а европските препораки се тоа да биде 25. Според пописот од 2002 година Скопје имало 7,66 квадратни метри зеленило по глава на жител, а со оглед дека во меѓувреме голем дел од него е изгубено, во моментов „идеал“ е да се врати барем стариот просек. Тоа е тежок процес, со оглед дека реалната зелена маса во градот за десет години била намалена за повеќе од 22 отсто.

Mazedonien Unwetter (Getty Images/AFP/R. Atanasovski)Непланското сечење шуми, една од последиците на катастрофалната поплава кај Скопје

Битолчани на блокада

Од 2008 до 2011 година акцијата „Ден на дрвото“ се спроведуваше два пати годишно, а од 2012 до 2015 година еднаш, кон крајот на ноември или почетокот на декември. Експерите стравуваат дека годинава садниците нема да се зафатат поради ниските температури. Но трошокот за нив ја крева социјалната температура, со забелешки дека се потребни други итни мерки за подобрување на состојбите, со оглед дека „Денот на дрвото“ не ги решава клучните проблеми. Битолското здружение „За нас се работи“, во знак на протест против пасивноста на надлежните за решавање на загадениот воздух, од утре до сабота ќе го блокира патниот правец Битола-Новаци, во периодот од 15 до 17 часот.

„Во изминатите години и протестиравме, и меморандуми потпишувавме, и зборувавме со политички партии и со носители на одлуки, но нема резултат за решавање на проблемот со аедрозагадувањето во Битола“, вели Илија Балтовски од Здружението. Тие поставуваат две барања до надлежните, а ако не бидат исполнети најавуваат порадикални мерки, па дури и граѓанска непослушност.

„Првата мерка ја бараме од општината. Таа во критичните денови треба да организира поинаков режим на сообраќај, што не е тешко за реализација и е практика во сите големи градови каде што има загадување. Втората итна мерка е во надлежност на Владата. Бараме субвенционирање на електричната енергија се до комплетното спроведување на гасификација што се најавува за Битола, а не знаеме колку тоа ќе трае. Можеби десет години. Што за тие десет години, ќе умираме? Ако на политичарите им се приоритет изборите, нам на граѓаните приоритет ни е животот“, вели Балтовски.

И околината на Битола, но и на другите најзагадени градови – Скопје, Кичево и Тетово, се мета на бесправна сеча на шумите кои ги полнат полициските билтени. „Гора“ е една од последните акции на полицијата, во која најмалку 43 лица добија кривични пријави за дела поврзани со бесправна сеча. Засега нема податоци колкав е вкупниот број на лица санкционирани за вакви активности во текот на оваа, и во минатата година, и дали е зголемена превентивата. Според она што е статистички потврдено, во 2014 година бројот на откриени и процесуирани кривични дела за незаконска сеча на шуми бил зголемен за 50 отсто во однос на 2013 година. Тогаш биле поденесени 81 кривична пријава против 86 сторители поради сомненија за „пустошење шума“, „кражба на шума“, „напад на службено лице при вршење работи од безбедноста“, „спречување службено лице при вршење на службено дејствие“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e