Богдановиќ: Со изградба на катна гаража кај „Авто Македонија“ ќе се уништи ова последно слободно место

Ќе се бориме заедно за да се спречи градење на 29-метарската катна гаража кај „Авто Македонија“, рече денеска градоначалникот на Општина Центар Саша Богданивиќ, откако фирмата „Никофон“ со извршно решение од денеска го презема просторот и може да гради.

Градоначалникот Богдановиќ кажа дека Општина Центар во изминатиот период пробувала да разговара со инвеститорот, бидејќи како што истакна, ако дојде до реализација ќе се уништи ова последно слободно место кое дополнително ќе ги „загуши“ граѓаните кои живеат овде.

„На нас како општина ни е спорен самиот договор, самата јавна објава и лицитација. Согласно уредбата за продажба на јавно земјиште, цената се формира согласно намената. Тука имаме 70% компатибилно, односно, изградба на катна гаража и 30% изградба на деловен простор. Ако се земат цените од уредбата, треба да дојдете до некоја почетна цена од околу 5000 денари, а овде почетната цена е 1800 денари. Со самото тоа целиот јавен повик треба да биде ништовен и со тоа да нема договор, а со тоа паѓа и одобрението. Ние од кога го преземавме земјиштето, ги добивме и предметите кои беа веќе завршени и покренавме постапки за основано сомневање за оштетување на буџет и за злоупотреба на службена положба до Јавното обвинителство и чекам одговор“, истакна Богдановиќ.

Тој потенцираше дека за овој случај во 2015 година граѓани поднеле две кривични пријави за начинот на продажбата на земјиштето, против тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, ексградоначалникот Владимир Тодоровиќ и тогашниот премиер Никола Груевски, а пред неколку месеци кривична пријава за злоупотреба на службата должност поднела и Општина Центар. Но, досега одговор на Обвинителството за организиран криминал и корупција нема.

„Сакам да напоменам дека и во изминатиот период има поднесено две кривични пријави и од страна на граѓаните кои што се тука и се уште, според тоа кое го имаме како информација од секојдневната комуникација со граѓаните, не е ништо преземено. Додека не се реши целиот процес, ние се обидувавме да воспоставиме секојдневна комуникација за да најдеме решение, обесштетување или замена со друго земјиште, бидејќи навистина овде не сакаме да се гради катна гаража во висина од 29 метри. Очигледно, инвеститорот инсистира и сметам дека по сите постапки кои што се започнати, предизвика реакција за да може што побрзо да се започне со градба, за да може после тоа штетата да биде поголема“, додаде Богдановиќ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e