27 април – ден на срам, крв и неподелени сендвичи

Мала група луѓе кои го знаеле мастер-планот за 27 април, поголема група која била координирана за нивни поединечни улоги по насилното влегување во парламентот и „останати учесници“ кои не знаеле дека нешто се подготвува ниту учествувале во насилството, но биле понесени од толпата и од повикот „да ја спасуваат државата“, анализира Призма.

Вака изгледа мозаикот за настаните кои пред една година можеа да ја доведат Македонија до работ на пропаста, доколку во последен миг не беше спречено таквото сценарио со задоцнета интервенција на полицијата, но и по бројни меѓународни апели да надвладее разумот.

Една година подоцна, сѐ уште недостигаат одговори на многу прашања. Доколку Обвинителството истиот ден преземело активности, со цел веднаш да се обезбедат клучни докази за нарачателите, организаторите и извршителите на насилничкиот чин, Македонија многу порано ќе ја имаше дешифрирано и затворено оваа темна страница од нејзината современа историја.

Подготвени сендвичи, одржани состаноци

Откако се изгуби многу време околу истраги за „учество во толпа“, а голем дел од телефоните во меѓувреме се „загубија“ или комуникациите се избришаа, темелната истрага, всушнот, започна лани во јуни кога Обвинителството за гонење на организиран криминал ја презеде истрагата од Основното јавно обвинителство Скопје.

Со вонредни напори, Обвинителството почнува да го склопува мозаикот за тоа како се одвивал „крвавиот четврток“. Покрај обезбедени докази дека полицијата на никаков начин не била дополнително ангажирана да го обезбеди парламентот од насобраните демонстранти, а не била повикана дури ни по нивното насилно влегување во Собранието, било утврдено дека истиот ден на неколку други локации пред тоа, и паралелно со насилството, се одвивале „интересни“ активности.

Најпрвин, во близина на ресторанот „Дион“ во ГТЦ пристигнало возило со кое биле донесени маски/фантомки, кои биле поделени на точно определени лица, а кои подоцна ги дистрибуирале и до сите други за кои било планирано да упаднат во парламентот. Со оглед дека јавните безбедносни камери од непознати причини не функционирале во тој период (?!) снимката е обезбедена од камера на една банка. На неа се гледаат неколку лица од т.н. патриотски организации, кои подоцна ќе се покажат како клучни играчи во собраниското насилство, а против кои Обвинителството подигна обвинение .

Дека била планирана долга ноќ на „активности“, сведочат и докази оти тој ден во Клубот на пратениците, кој е под надлежност на владината Служба за општи и заеднички работи (СОЗР), стигнал налог да се подготви големо количество сендвичи. Поради развојот на настаните таа вечер, и неможноста да се пристапи со парламентот, количината никогаш не бил дистрибуирана и останала замрзната во фрижидерите. Секако, и документирана.

Во тој период, кога носителите на фантомки заедно со други немаскирани лица влегуваат насилно во парламентот, директорот на Бирото за јавна безбедност и шеф на Оперативниот штаб на МВР, Митко Чавков, е недостапен за министерот за внатрешни работи. Но, и двата телефона кои ги користел во критичниот период според записите во базните станици зрачеле на подрачјето на општина Центар, во реонот на Белата палата. Според истрагата, покрај Чавков, токму таа вечер во Белата палата од непознати причини подолго време бил присутен и Борис Јосифовски, некогашен советник на Иванов, а од 1.4. 2010 година и Генерален секретар во Кабинетот на претседателот.

Паралелно со овие средби, за кои не се знае кој ги координирал и раководел во партискиот штаб за време на престојот на Груевски во Виена, истата вечер и околу 15-тина воени лица со разни чинови се присутни во Министерството за одбрана – генерали, полковници, потполковници и лица со пониски чинови.

Нема информации со која цел се собрале, ниту индиции дека подоцна контактирале со дел од лицата инкриминирани во насилствата, меѓутоа некои од нив биле евидентирани во генералштабот до еден по полноќ.

Единствено бригадниот генерал Мирче Ѓорговски, кој беше и аѓутант на Иванов како командант на вооружените сили (и на таа функција остана до 4.12.2017 година), бил единствениот кој таа вечер телефонски контактирал со шефот на државата и ја посетил претседателската вила.

Дали и со кого друг разговарал Иванов таа вечер не се знае, со оглед дека голем број фиксни и мобилни телефони се водени на име „претседател на државата“, па дури и на телефони што ги користеле лица кои никогаш не работеле во кабинетот на Иванов. Таков е примерот со владината секретарка на Никола Груевски, Ленче Самарџиска, која користела „претседателски број“ и додека била секретарка на премиерот, но и кога нејзинот шеф останал само лидер на партија.

Повеќе на Призма на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e