Започна реконструкцијата на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, на потегот од селото Војник од Страцин. Станува збор за делница долга 16,6 километри, а за нејзината изградба издвоени се над 7,1 милиони евра. Реконструкцијата ќе трае до 6 до 9 месеци.
Јавното претпријатие за државни патишта во февруари потпиша договорот за втората фаза од рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово – Страцин.
„Рехабилитацијата на коловозот на делницата од Куманово до Страцин е дел од неколкуте проекти, кои во моментов ги реализираме во функција на модернизација на патното поврзување со Бугарија. На овој дел од Коридорот 8, пролетниве месеци треба да заврши обновата на постојниот пат меѓу Ранковце и Крива Паланка, во должина од 21 километар. Во наредниот период паралелно ќе се работи на делниците Куманово – Страцин и Крива Паланка – Деве Баир, со што меѓу Куманово и Деве Баир ќе може во целост да се вози по обновен пат веќе на почетокот од 2022 година“, – информираа тогаш од јавното претпријатие.
Поради градежните активности променет е режимот на сообраќај на ова делница.
„Виадукт трејд“ известува дека на ден 25.05.2020 ќе се започне со изведување на градежни активности при рехабилитација на дел од државниот пат А2 – потег од Бензинската станица „Виена Петрол„- Куманово до с. Страцин, во должина од 16 км, за што ќе се изврши промена на режимот на сообраќај, во времетраење од шест до девет месеци, – соопштуваат од АМСМ.