Дивоградбата помеѓу улиците “Самоилова“ и “Никола Карев“, општина Центар рано утринава, во 3:30, ја урна со асистенција од МВР.
Градежна фирма избрана на тендер го изврши решението донесено од страна на овластен градежен инспектор на општината за отстранување на дива градба.
„Ниту утрово на местото на дивоградбата не се појави инвеститорот на објектот, кој се уште е непознат. Претходно, кога објектот беше во фаза на ископ, овластен инспектор донесе решение за враќање во првобитна состојба. Тогаш решението никој не го прими, а непознатиот инвеститор без одобрение продолжи со градбата.
Дека се работи за дивоградба, констатираа заеднички на увид инспекторот на општина Центар, заедно со градежен инспектор од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Неколкупати на објектот беше оставана покана инвеститорот да дојде во Општина Центар, но на ова никој не се одѕва“, велат од Општина Центар.
Општинарите повеќе од еден месец чекаа согласност од МВР за асистирање при уривањето.
По добиената согласност од МВР, рано утринава се пристапи кон уривање на објектот.