Центар целосно ја реконструираше улицата „Наум Наумовски – Борче“

Општина Центар ја асфалтираше улицата „Наум Наумовски – Борче“, на делот од кружниот тек во Дебар Маало до булеварот „Илинден“, со вкупна површина од 1.087 м2.

Жителите со години се жалеа на лошата состојба на улицата. Ударните дупки претставуваа опасност за нормалното движење на возилата, а со тоа и за безбедноста на пешаците.

Посебен проблем на речиси сите улици во Дебар Маало е тоа што во претходните мандати, асфалтот се поставувал врз стариот макадам, без претходно да се извадат камењата.

За да се добие квалитет во реконструкцијата, макадамот е целосно изваден на длабочина од 40 сантиметри и поставени се по два слоја тампон и асфалт.

Подобрено е одведувањето на атмосферските води, преку вградување на нови сливници, се вели во соопштението на општина Центар.

Претходно беше реконструиран делот на улицата на потегот од булеварот „Партизански Одреди“ до улицата „Ленинова“.

Во изминатите четири години, во Дебар Маало се реконструирани 15 улици во вкупна должина од околу 4.000 метри. На дел од нив, освен нов коловоз и тротоари, според потребите, изведена е комплетна инфраструктура, како нов водовод, фекална и атмосферска канализација.

Следна улица за реконструкција во Дебар Маало е „Коле Неделковски“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e