Проблеми со откупот на грозје: Лозарите мака мачат да го продадат грозјето

Проблемот со откуп на винското грозје, пред се со  вранец- кратошија продолжува. Откупните пунктови полни со трактори и грозје. Откуп или нема или слаб. Лозарите нервозни, бараат итна помош од државата, откупот да продолжи бидејќи стравуваат дека родот ќе им пропадне на лозјата. – објави КТВ телевизија.

Денеска во посета на тиквешијата беше дополнителниот заменик министер од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски. Тој апелираше владата веднаш да го се зафати со решавање на проблемот, бидејќи државата имала законски можности за надминување на вакви состојби.

„По повикот за алармантната состојба со откупот на грозјето во тиквешијата веднаш дојдовме да ги посетиме откупните пунктови , но и да се сретниме со лозарите. Јас сум згрозен од она што го видов денес овде и од неспособноста на институциите и на државата за решавање на проблемите и во застанување во одбрана на своите граѓани. Она што го гледам прво е дека  грозјето останува и скапува на нивите, тоа  еден проблем, друг проблем е неплатено грозје од минатата година, но она што е клучно преку новиот закон за вино, преку измените кои беа направени, државниот земјоделски  инспекторат и инспекторите се на терен, не да помогнат овде на луѓето,  туку слушаме за огромни притисоци и проблеми кои се создаваат. Никаде во законот не пишува дека на еден пункт може да се откупува само за една винарија. Никаде во законот  не пишува дека треба да има печати од самата винарија кога се откупува грозјето. Сите овие работи ги констатираме тука, а не ги пишува во законот и очигледно дека се прави притисок врз лозарите,  очигледно е дека се сака да се создаде вештачки проблеми кои ќе дојде некој покасно да ги реши“ рече Николовски.

На еден од откупните пунктови затекнавме и лозар кој со своите 86 години не се откажал од работата на лозје. Чекаше ред да го предаде набраното грозје. Бара помош од државата проблемот да се реши и лозарите весели да го продолжеле гроздоберот.

Многумина не сакаа да говорат пред камера стравувајќи дека ќе се соочат со проблеми при продажбата на грозјето, но не го криеја револтот и нервозата. Коментираа дека се приморани со часови и по цела ноќ да седат на откупните пунктови со надеж дека ќе им биде купено грозјето. Нив ги плашат информациите дека од утре нема да се откупува повеќе вранец-кратошија иако има уште значителна количина за берба од оваа сорта. Се надеваат дека сепак нивното грозје ќе има кој да го купи.

Извор: КТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e