Објавена базата на податоци „Странски инвестиции под лупа” – се за странските инвестиции

Седум пати помалку пари инвестирани од најавеното и три пати помалку отворени работни места отколку што било ветено, покажува базата на податоци  „Странски инвестиции под лупа” изработена од новинарскиот тим на БИРН Македонија која што од денес е достапна за јавноста.

Истражувањето опфати 138 инвестиции што биле најавени или промовирани од Владата во период од 2007 до 2016 година. Toa покажува дека дури 43 од најавените странски инвестиции воопшто не се реализирани или пак пропаднати, што е речиси третина од вкупниот број на инвестиции опфатени во базата.

 Вкупно 26 од странските компании добиле државна помош, меѓутоа сумите со кои што граѓаните со парите што ги плаќаат за даноци и други јавни давачки го финансирале влезот на некој од инвеститорите, не се познати.

Податоците кои произлегоа од истражувањето на БИРН покажуваат дека само четири странски компании кои што инвестирале во земјава, вложиле онолку пари колку што ветиле, или дури и повеќе од тоа, а останатите инвестирале значително помалку средства, или воопшто не инвестирале.

„Странски инвестиции под лупа” содржи голем број податоци и отвора пат за идни длабински истражувања на оваа тема. Базата на податоци е достапна на investicii.prizma.mk. БИРН ќе продолжи да ја ажурира базата со најнови податоци за бројот на вработувања и со финансиски извештаи на компаниите.

Базата на податоци е изработена во рамките на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор, дел од Програмата на УСАИД за зајакнување на независните медиуми во Македонија

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e