Артан Груби, трагачот по сопствениот кредибилитет

Мислам дека сè уште се кикотам откако вчера за прв пат ја видов фотографијата на Артан Груби сликан со празната фотелја на американскиот потпретседател Мајк Пенс. За оние кои не мора да знаат, Груби е на прошетка во САД (претседателот на Комисијата за европски прашања во „работна посета на САД“?), каде некој од „моќното албанско лоби“ (можеби хигиеничарот во попладневната смена во западното крило на Белата куќа?) му овозможил да се слика во празната канцеларија на американскиот потпретседател, потпрен на грбниот потпирач од неговата фотелја, врз сосема празниот потпретседателски работен астал што е толку исполиран, што и мува би се лизнала при слетување!

Целата композиција на фотографијата би можела да носи наслов: „Мртва природа: Груби на вистинско место, во погрешно време“. (Под услов фотографијата да не е направена во некој вашингтонски шопинг мол, бидејќи Американците знаат да се глупираат и со такви туристички изведби за слики-апарат-за-целиот-град.)

Што може да го натера човек – политичар – да се слика во друштво со празна фотелја, а потоа таа фотографија да ја сподели не само со семејството, како спомен за кој ќе следуваат анегдоти кога ќе се врати дома по патот од онаа страна на Атлантикот, туку со целиот свет!?

Во занаетот на правење пропаганда има една техника која се нарекува „споделување на кредибилитет“: ако, на пример, човек со проблематичен професионален углед го седнете на телевизиска емисија меѓу двајца кои имаат неспорен професионален углед, тогаш кај публиката која ја гледа емисијата нешто од угледот на двајцава „се пренесува“, речиси како првут, и врз „рамењата“ на неугледниот, бидејќи резонот е дека кога ти дале да се дружиш со угледни, мора и самиот нешто да си заслужен!

Погаѓате, оваа првут-техника се употребува кај луѓе со проблематични мотиви, кога експертите за пропаганда имаат потреба да ги „огребат“ од туѓи кредибилитети, токму заради целосен или делумен недостаток на сопствен. На пример, ќе застане Груби да преведува до Али Ахмети и „првут“ лета на сите страни!

Но, морам да признам дека е иновативен пристапот „угледот“ на една празна фотелја да се пренесе врз оној кој се потпира врз неа – освен ако со ракавите од палтото тој што се потпира нема задача да го избрише првутот од потпирачот, што ме враќа на тезата дека зад целиот овој пропаганден „проект“ сепак стои хигиеничарот од попладневната смена во Белата куќа.

Не му е прв пат на Груби да се глупира со свои фотографии и селфија, во погрешен контекст. Па и она предизборно врескање, без ехо, со „УЧК, УЧК!“ во полната сала „Борис Трајковски“, спаѓа во истата пропагандна техника на „споделување кредибилитет“. Дури, би можело да се тврди дека и тепачката на скопското Кале, своевремено, може да има слична, опасна, политичко-пропагандна инспирација…

Всушност, Груби ми личи на политичар кој како да е во постојана потрага по кредибилитет! Ете, сега разбирам зошто не престанувам да се кикотам откако за прв пат ја видов фотографијата на Груби со празната фотелја на американскиот потпретседател…

Сашо Ордановски

Извор: ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e