Чувајте се од измами: 1 од 10 профили на интернет е лажен

Интернетот ни дозволува ако сакаме, да се скриеме под псевдоним и да функционираме на тој начин, но иако не е пропишана, интернет-етиката е да не ја злоупотребуваме таа анонимност.

Но, факт е дека се злоупотребува и тоа премногу. Веќе и самите имате забележано дека на Фејсбук, Инстаграм, Твитер или која и да е социјална мрежа, постојат лажни профили, а многу е веројатно дека некој веќе се обидел да ве измами.

Некогаш е лесно на прв поглед да се детектира ваков профил, да биде лесно забележливо дека фотографиите се симнати од интернет и дека не ја претставуваат реалната слика за личноста која е зад него. Но, има и такви кои ќе посветат многу време и внимание да создадат целосно лажен интернет-идентитет. Целите може да се различни, од уживање во лажниот интернет живот, па сè до „ловење“ на една специфична личност, која на некој начин е поврзана приватно со сопственикот на лажниот профил.

Некогаш целта е да се измами некој, било да е за пари или за да биде емотивно повреден. Допишувањето може да трае со недели и месеци, бидејќи оној кој се посветил на креирањето на тој интернет-идентитет е доста претпазлив и не оддава знаци дека нешто не е како што треба.

Затоа, пред да станете жртва на лажна личност, обрнете внимание на следниве нешта:

– Дали има фотографии на профилот и колку се тие веродостојни. Обидете се со пребарување на фотографијата на Гугл.

– Ако сте се спријателиле со непозната личност, не споделувајте лични информации. Но, обрнете внимание и на тоа колку тие кажуваат за себе.

– Ако ви бара лични информации, веќе е алармантно, бидејќи измамата е повеќе од очигледна.

– Можно е пораките да звучат неприродно, особено ако ги преведува со Гугл транслејт или слични сервиси.

– Бара да преминете на специфична апликација за комуникација, за која не сте сигурни дали е безбедна.

Меѓутоа, овие карактеристики се типични за т.н. „фишинг“, на кој лесно се наседнува.

Сосема друга категорија е кога ќе бидете „нападнати“ од некој што веќе ве знае. Тоа може да биде поранешен партнер, пријател со кој не сте во добри односи, злонамерна личност која ве познава, а сака да ве измами на некој начин, а постојат и случаи кога во вакви нешта биле вмешани колеги и работодавци.

Најбезбедно за вас што можете да направите е да не наседнувате на пораки и понуди за пријателство од личности што не ги познавате и со кои немате заеднички пријатели. Дури и ако ви пишат дека ве виделе сношти во бар и сте биле симпатични или сте изгледале убаво, колку и да имате нагон да одговорите на тоа, најпрво разгледајте го профилот, пред да влезете во нечија игра и да бидете повредени.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e