Зошто предлогот на ВМРО ДПМНЕ за еднокружен мнозински систем е најлош

Кога се појави во јавноста, пред околу две години, предлогот на ВМРО ДПМНЕ за еднокружен мнозински модел беше новост, но не и освежување. Иако радикално различен, дури би се рекло дијаметрално спротивен од предлогот кој доминираше во јавниот дискурс, оној за една изборна единица со отворени листи, овој предлог ниту беше подетално образложен од предлагачите, ниту беше посериозно оспорен од спротивниот табор. Барем јас не наидов на некои посериозни експликации за неговите предности, а би сакал да се осврнам на неговите слабости кои се значителни и кои несомнено го ставаат во редот на најлошите.

Овој модел е еден од најстарите, можеби и најстар, се применува веќе неколку века и потекнува од Велика Британија каде е се уште во употреба, како и во државите кои биле британски колонии. Како резултат на долгата примена за него постојат голем број на анализи, при што главните критики доаѓаат од страна на пропорционалистите , а дел од нивните ставови ќе презентирам во продолжение.
Во политикологијата е општо прифатено дека овој модел има тенденција да воспостави бипартизам, а поддржувачите за негова главна предност го сметаат добивањето на чисто мнозинство кое овозможува формирање на стабилни влади.
Кај нас во Македонија веќе постои искуство со помалку лошиот, двокружниот мнозински модел според кој беа спроведени парламентарните избори во 1990 и во 1994 година. Тогаш беше констатирано дека мнозинскиот модел не ја пресликува реално волјата на гласачите, дека огромен број на гласови се губат со што значајни сегменти од општеството не се претставени, дека им погодува на големите партии и се прејде на целосно пропорционален модел од 2002 година наваму. Воочените слабости за потпретставеност на малите и натпретставеност на поголемите партии се уште поизразени кај еднокружниот модел. Додека кај двокружниот во вториот круг се пласираат двајцата кандидати кои претходно добиле најмногу гласови, доколку некој не освоил над 50 посто, при еднокружниот се се завршува во првиот круг каде победува оној кој добил најмногу гласови без оглед дали се 50, 40, 30 или дури само 20 посто гласови. Нокаут систем. Ова по неколку изборни циклуси доведува до тоа малите партии да станат целосно одвишни бидејќи сите се концентрираат околу двете најголеми партии.
Неговата најголема слабост е диспропорционалноста на добиените гласови и освоените мандати, што не е само претпоставка или потенцијална опасност туку во долгиот период на примена се покажал како законитост. Како резултат на ова партиите различно го “плаќаат” мандатот, многу често драстично, односно некои партии мораат да соберат просечно многу поголем број на гласови за мандат од другите. Конкретно во Велика Британија на изборите во 1965 година на лабуристите за еден мандат им требале просечно 30.000 гласови, на конзервативците 50.000, а на либералите дури 190.000. Во 1992 година либералите со 18 посто од гласовите освоиле само 20 пратенички мандати, а лабуристите со 34,5 посто гласови освоиле неверојатни 271 мандат. Всушност во неколкувековната парламентарна историја на Велика Британија само трипати се случило односот на добиените гласови и мандати да биде барем приближно соодветен.
Другата негативна појава која е карактеристична за овој модел е што се случува партијата со најголем број на гласови да не освои најголем број на мандати, што е парадокс бидејки смислата на неговото постоење е да овозможи влада да формира онаа политичка опција која има најголема поддршка кај гласачкото тело. Или, како што приметува Мил во 19 век, вака овој систем е во спротивност со првото начело на демократијата по кое претставништвото треба да биде во корелација со бројките.
Диспропорционалноста води до натпретставеност на едни и потпретставеност на други, при што цели категории на бирачи (граѓани), остануваат надвор од парламентот. Вон парламентот остануваат цел спектар на социјални слоеви и нивните интереси, со што се ствараат и јакнат политичките тензии. Со ова овој модел на подолг рок ги поттикнува општествените антагонизми, ја нарушува хомогенизацијата на општеството, поттикнува конфликти и води кон вононституционални и екстремни облици на дејствување.
Овие несомнени слабости особено доаѓаат до израз во хетерогени општества какво што е нашето и затоа мора многу внимателно да се приоѓа кон изборот на модел кој ќе биде соодветен на нашите конкретни услови. Споредбата со функционирањето на овој модел во Велика Британија и евентуално кај нас е неадекватна бидејќи контекстот и условите во кој настанал и се применувал се специфични и неповторливи.
Партиите не смеат да ги гледаат само своите тесни, поединечни интереси кои можат да донесат тешки и непоправливи штети не само врз изборниот процес туку и врз функционирањето на политичкиот систем во целина. Во наши услови може и практично да се случи најекстремната можност со само неколку проценти разлика во гласовите некоја партија да ги освои сите или скоро сите пратенички места. Дека ова не е само теориска шпекулација туку може да стане реалност, доказ се локалните избори за градоначалници кои по својата природа се многу близу до мнозинскиот изборен модел. Според резултатите од последните локални избри скоро сите градоначалници се од коалицијата предводена од владеачката СДСМ, а сличен таков резултат претходно имаше и коалицијата на ВМРО ДПМНЕ.
Доколку се случи приближно таков исход при изборот за пратеници во Собранието опозицијата би била претставена со само неколку пратеници што би била нереална и неодржлива состојба. Опозицијата би била сосема маргинализирана и таквата состојба не би соодветствувала со реалната поддршка во гласачкото тело, при што незадоволството би се прелеало надвор од институциите. Тоа секако не би било добро за функционирањето на парламентот и би го дестабилизирало политичкиот систем со долгорочни последици. Кај нас се уште не се сфаќа важноста и значењето на опозицијата за стабилноста на системот и нејзината улога на коректор на власта во најдобра смисла. Власта и опозицијата се два пола без кои не постои функционална демократија.
За вистинските мотиви на ВМРО ДПМНЕ да предложи ваков модел кој е контрапродуктивен од аспект на демократијата, непријателски кон малите партии, штетен за функционирањето на политичкиот систем и дури потенцијално опасен за нив самите ако на процесите се гледа динамички и лонгитудинално (во текот на времето), може да се претпоставува врз основа на нивните изјави кои не се нужно директно поврзани со изборниот модел. Така на пример нивни функционери излегуваат со став дека гласот за малите партии е глас за СДСМ, дека протестните гласови против власта мора да се хомогенизираат (се разбира под водство на ВМРО), а таа политика има свој континуитет уште во времето на Груевски кога постоеше идеја ВМРО ДПМНЕ да се трансформира во движење. Гледано од тој аспект еднокружниот мнозински модел може да им помогне во остварувањето на тие нивни цели, само што не земаат предвид дека тој модел не е штетен само за демократијата, за малите партии и за стабилноста на системот, туку во перспектива и за нив самите.
Ова е само уште еден пример дека едностраните предлози на партиите не водат кон трајни и стабилни решенија и дека при дизајнирањето на изборниот систем мора да се гледа многу пошироко и да се излезе од сопствениот двор. Изборните модели не се прават според потребите и проценките на одредена партија во одреден момент туку спрема општествено политичката стварност. Само така може да се дојде до вистински и трајни решенија кои ќе обезбедат амбиент за демократски избори и застапеност на различни интереси.
Ако треба да прогнозирам би рекол дека скоро и да не постои веројатност овој модел да биде прифатен бидејќи постои јасен тренд на преоѓање од мнозински кон пропорционален, а не обратно. Исто така кога постојат голем број на партии, како што е случај кај нас, враќањето на мнозински систем е речиси неверојатен.
Љупчо Довичински, политиколог

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e