Зошто не за влада на широка коалиција?

Веќе години наназад “бранителите” на албанските интересите во Македонија, т.е политичката партија ДУИ, соочени со евидентниот налет на опозицијата во албанскиот блок, излезе со идеата за Албанец премиер.

Во овој постизборен период, гледаме дека ДУИ идејата за Албанец премиер, полека ја пушта низ вода. Секој оној кој малку следи и разбира политика му беше јасно дека единствената цел на оваа идеа беше собирањето на што е можно повеќе албански гласови и јакнење на позицијата на ДУИ во евентуалните преговори за составување влада. Се додека одредени политички партии, граѓаните ги делат на етнички блокови и се занимаваат единствено со етнички прашања, оваа идеа тешко ќе пројде без никакви тензии во општеството.

Каков е тој премиер кој ни го токмеше ДУИ, ако тој и тие како политичка партија, етничките прашања години наназад им се главна програмска определба. Каков ќе биде тој премиер, кој патем речено треба да е премиер на сите граѓани, во држава во која не живеат само Албанци, ако вие сите останати, ни во минатото, ни во кампања, а ни денес воопшто не ги третирате нивните проблеми и потребите. Ние не слушнавме од господинот Зибери, па и од целото ДУИ да се обратат на етничките Македонци како најбројно население во оваа држава. Јас до ден денес го немам слушнато Али Ахмети збор да каже на македонски јазик. Не можете вие да ја барате највисоката функција во оваа држава, единствено со чисто етничка платформа и гласови. За Обама не гласаше само црнечкото население во Америка. Обама не понуди концепт само за тие граѓани. Постојано говореше дека не постои црна и бела Америка. Со таква инклузивна политика, подржан од мнозинството Американци, стана претседател на САД.

Албанските политички фактори мораат да сфатат дека единствениот пат за да добјат премиер Албанец, е да ги баталат етничките теми и во нивниот фокус да доминираат граѓанските теми. Ако велиме дека Рамковниот договор е веќе целосно исцрпен, тогаш ајде да направиме граѓански партии, а не партии на овој или на оној етникум. Да почнеме да се занимаваме со реалните проблеми на граѓаните, а не со национализам, кој сеуште гледаме дека пали кај граѓаните на нашата држава.

Само со таков концепт можат да се надеваат на исполнување на таа идеа, се друго е само ефтин политички маркетинг. Меѓутоа тогаш на најголемиот дел на граѓаните нема да им е важна етничката припадност на било кој претендент за таа државна функција, туку неговиот личен капацитет и политичката платформа која тој ја нуди.
Верувам дека најголемиот дел од Македонците, немаат проблем да имаат премиер кој ќе биде од друга етничка припадност. Баш напротив. Се сеќавам во 2009 година на претседателски избори, Имер Селмани освои околу 150,000 гласови, од кои патем голем дел беа македонски гласови. Македонците покажаа дека немаат проблем да гласаат за етнички Албанец за една од највисоките државни позиции.

Единствена политичка партија која во овој момент го вози овој граѓански курс, со инкорпорирање на кадри од сите етникуми, со платформа за сите граѓани и со дирекно обраќање кон сите е СДСМ. Без разлика што очекуваниот и фактичкиот број на албански гласови кој ги доби СДСМ на овие избори е драматично различен, таа политика сепак беше наградена во 2016 година. Таа е и политиката на иднината. Можеби не денес, можеби не за три- четири години, меѓутоа Македонија се движи во таа насока. Се движи по тој курс на создавање на граѓанска држава.
Како ќе минува времето национализмот како тема ќе биде се помалку баран и вреднуван од гласачите на политичкиот пазар.

Зошто не за влада на широка коалиција?

Широките влади како концепт веројатно некаде, во одредени моменти давале резултат за надминување на одреден проблем, на одредена криза. Меѓутоа во најголем дел, овие влади на широки коалиции, наместо да решаваат, истите се генератори на поголеми проблеми. Иако сум премлад, меѓутоа од она што може да се најде како интервју, како текст, од тоа што може да се исчита за конфликтот во 2001 година, нема ниту еден релевантен политички фактор кој не кажува дека постоеше големо разногласие, сериозна неуиграност, како во самата влада, така и со претседателот на државата, во однос справувањето со таа криза. Истото го гледавме и во техничката влада во 2016 година, иако тогаш се соочувавме со ралична т.е со политичка криза.

Техничките влади кои ги гледаме денес генерираат внатрешени конфликт помеѓу партиципиентите во истата. Така да наместо ние да имаме функционален систем , функционални институции кои ќе се справуваат со кризи, каде што лесно можете да лоцирате одговорност, ние имаме ситуација на внатрешно саботирање. Едноставно немате ефикасен систем кој ќе се бори со настанатите состојби, кој ќе решава проблеми, последици и сл.

Овие технички влади кои ги имаме денес за спроведување на избори веројатно се нужно зло, бидејќи сите ние сме свесни и гледавме пред наши очи како во минатото се злоупотребуваше државниот апарат, за изборни цели.
Меѓутоа надвор од изборите сметам дека таквиот концепт на широки влади е непотребен и штетен по сите нас. Широката влада бидејќи не е крајно решение, би му послужила, би му користела единствено како гума за спасување на Христијан Мицкоски и неговата политичка кариера. Тоа би значело инсталирање на некои нови ликови во влада како Наќе Чулев, кои единствена задача би им била да блокираат се што е добро и потребно во справувањето со здравствените и економските последици од коронавирусот. Тоа би значело опозиција во самата власт, без никаква одговорност. Намерно кочење на процесите, со цел собирање на политички поени и нови предвремени парламентарни избори наредна есен заедно со локалните.

Неодговорно, несериозно е да ја ставаме во заложништво целата држава, сите граѓани кои живеат овде заради спасување на нечија политичка кариера.
Дали ВМРО- ДПМНЕ ќе добие нов претседател или не, т.е дали Христијан Мицкоски ќе остане на чело на таа паритја или не, е најмалку важно.
Сите велат дека ни претстои тежок период. Дека ни следи тешка есен.

Затоа најважно за сите нас, за граѓаните, да добиеме стабилна политичка влада која ќе се справува со последиците од коронавирусот брзо и ефикасно.

Колумна на Вуко Мелов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e