Дванаесетчасовната шуплива расправа во парламентот за третата интерпелација за вицепремиерот Никола Димитров покажа зошто Македонија стои три децении на исто место, додека се движи останатиот свет. Иако и во други парламенти има вакви бесцелни пресметки на опозицијата со власта за да се билда рејтинг, никаде тоа не трае три децении, никаде не трае околу иста тема и никаде тоа не ја држи како заложник државата.
Апсурдно беше, по две неуспешни интерпелации за Димитров, повторно да се врти истата „плоча“, повторно да се вергла колку ни е загрозен јазикот и идентитетот, повторно да се исправаат криви Дрини околу историјата, повторно да не се види колку се сменило сѐ околу, вклучувајќи ја и ЕУ, и колку го губиме чекорот со современите случувања, додека упорно сме заглавени во едно исто. Расправата покажа дека ние сме ова што сме, и овде каде што сме затоа што имаме политичари без капацитет и компас, кои се закопани во едно исто политичко клише и никако да прифатат дека расправите како оваа изгубија смисла, бидејќи граѓаните сфатија дека реалниот живот нема место тука во Собранието. Додека пратениците се расправаа за идентитетот, луѓето се регистрираа во Србија и во други земји на списоци за вакцина, странски пасош или вработување.
ВМРО-ДПМНЕ, наводно, беше испровоцирана од „лажното ветување“ дека во 2020 година ќе ги почнеме преговорите за членство со ЕУ, без оглед што истото тоа како партија го даваа десет години и на крај памет не им беше да се повлечат од власта кога ни го замрзнаа, место да ни го унапредат кандидатскиот статус. ВМРО-ДПМНЕ, наводно, беше испровоцирана и од лошиот Договор за пријателство со Бугарија, што прв го потпиша и ревносно го брани (со право) токму нивниот лидер Љупчо Георгиевски, за да сфатат по две децении од тогаш дека ќе било подобро – договорот и да не постоел. Не појаснија притоа што има сега вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров со преговорите со Бугарија, кога нив ги води министерот за надворешни работи Бујар Османи од ДУИ, и зошто Антонијо Милошоски не го ни спомна воопшто во расправата актуелниот прв човек на МНР, со кој се пазари за дипломатски позиции и го штити заради идни коалиции, додека глуми дека се бори за национални интереси.
Да се бореше ВМРО-ДПМНЕ навистина за јазикот, за името и за идентитетот колку што напаѓаше жестоко вчера, досега ќе изградеше заедничка позиција со власта околу спорот со Софија како што го направија тоа во Грција и сега го прават партиите во Бугарија, место да повикува на интерпелација на министри исклучиво од македонска владејачка партија.
Целата колумна на Слободанка Јовановска за Независен на следниов ЛИНК.