Врзете се, полетуваме!

Македонската политика по локалните избори доби такво забрзување од чии центрифугални сили може да ви се слоши! Движењето на премиерот може да се следи само со помош на сателитски сигнали, бидејќи ни од неговиот кабинет мислам дека не се сосема на чисто во кој момент каде се наоѓа: во Брисел, во Љубљана, во Скопје, во Белград или во Струмица, ако не е заминат за Тирана, виа некое скопско студио во кое дава интервју, после маратонска седница на Владата, а пред да се појави на закажано судско рочиште. Минатата недела јас го сретнав на две промоции на книги.
За другите функционери од власта веќе изгубивме и евиденција и интерес за тоа кој каде егзистира.

Од друга страна, во јавноста врие од дебати, по социјални мрежи, низ портали, по телевизии или низ хотелски сали, како никогаш до сега. Дебатите се жестоки, фрчат соопштенија и контра соопштенија од сите страни, а ако сакате да направите елементарен увид во ставовите по тековните теми, треба дневно да прочитате по десетина колумни и стотина фејсбук статуси за, колку-толку, да сте во тек со настаните.

На пример, тој што сега ќе се сети да направи специјализиран телевизиски канал за судски случаи, правосудни реформи, полициски афери и обвинителски истраги, тој може да смета на сериозна гледаност и значителни приход од реклами!

За да се избегне информативно-политичка вртоглавица, препорачливо е да се земе по еден драмамин и помала доза дијазепам наутро, пресечени со по две жолти на пладне, за навечер да можете да си легнете по полноќ, откако ќе ги одгледате сите само вистини, топ теми, 360-ки и 24 анализи, дубиози и синтези. Утрото – јас ви се мешам во кафето!

Македонија стана земја со најголема стапка на дебата за реформи по глава на жител во Европа! Што си баравме – тоа си добивме: сите фатиле да дискутираат, да дебатираат, да полемизираат, да се допишуваат и да се надвикуваат! Води ли некој записник, мајку му!

Се разбира дека целата работа почнува да наликува на општа какофонија во која се заборава кој за што се залагал, кога на чија страна стоел и кога, како и за што гласал или проколнувал. Сега сите се заколнати реформатори.

При тоа, како некакви светски прваци во шах, фативме да играме симултанка на пет-шест табли истовремено – погледајте ги само темиве: преговори за името; Закон за јазици; реформа на УБК; МПЦ-БПЦ-СПЦ; нови закони за медиуми и за образование; даночна реформа; усвојување нов буџет; рушење споменици… Просто се чудам како никој до сега не се сети да ја активира дебатата за вселенската програма на Македонија што заглави по некои фиоки на претходната власт?! Тоа, и уште да издадевме збирка на рецепти и на народни песни и ора, на македонски и албански јазик, па да се распуштиме.

Ова е точката во која почнува да ме јаде скепса: имаме ли ние, како политичка елита и како стручна и општа јавност, како општество, доволно поединечен капацитет што би се претворил во некаква колективна критична маса, за од целата оваа калакурница на сто теми и со двесте километри на час да излеземе со квалитетни завршници на започнативе (расправи за) реформи? Во целава дебатна реформска еуфорија како да забораваме дека нешто од тоа ќе треба и да спроведеме…

Сашо Орданоски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e