Влатко Васиљ: Игор е жртвата што мојата фамилија ја даде за Македонија!

Никогаш нема да го заборавам и вечно ќе го памтам. Игор е жртвата што мојата фамилија ја даде за Македонија!

За тие што не знаат, на денешен ден, пред 16 години, Игор Николовски загина како македонски бранител, резервист од АРМ.

Криво ми е што до пред неколку години постојано доаѓаше делегација на плоштадот во населба Хиподром да положи цвеќе на плочата со негово име. Денес никој не дојде. Ниту некој од државата, ниту од АРМ, ниту од општината, а дури ниту од ВМРО ДПМНЕ – Гази Баба каде тој беше активен член. Не верувам дека го заборавија, но за жал, денес на него не се сетија, не се сетија на денот од неговата смрт и неговиот даден живот за Македонија. Останаа само нашите спомени за него и една плоча со неговото име.

Игор загина после неколку дена од свадбата на сестра ми. Од емоции на голема радост, до емоции на неизмерна тага. Таму, за веселбата, бев можеби еден од малкуте што им кажа дека ќе оди доброволно да се пријави. После 2 дена од свадбата, сам отиде. Бев дете, средношколец, не знаев што значи тоа да учествуваш во војна, но да бидам искрен, чуствував гордост и му се радував.

Но, после неколку дена војната ми ја покажа гадната страна. Онаа страна што не му посакувам никому да ја доживее – да дојдат на врата и да ти кажат дека тој повеќе никогаш нема да се врати. Не ни бев свесен дека тоа навистина се случува. Тагата во фамилијата, тагата по 27 годишен млад човек не се опишува, ниту пак треба некој да ја доживее за да сфати колку е голема таа грутка.

Никого не замразев после тоа и никого не мрзам поради тоа. Едиствено ја мразам војната затоа што лично искусив што таа носи. Само тага и ништо друго. Таму нема победи што се слават, туку само болка што вечно во душата се носи!

Игор ми беше прв братучед, но за мене секогаш беше мојот постар брат, мојот најдобар другар. Во срце го носам. Вечна ти слава брате, хероју мој!

Влатко Васиљ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e