Тодоров кон градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ: Правете сé за државата, не за партијата

Секој искажан збор има своја последица, секое молчење исто така. Вака нѐ научи Жан Пол Сартр и нѐ замоли секогаш кога сакаме да кажеме нешто, да бидеме свесни за последицата што со тоа ќе ја предизвикаме, но уште повеќе нѐ учи дека никогаш не треба да молчиме кога со нашиот збор можеме да спречиме нешто неповолно. Свесен дека и мојот напишан збор ќе има своја последица, за жал повторно по мене, потпирајќи се на Сартровата мудрост, кај мене претежнува прифаќањето на последицата по мене од искажаниот збор во однос на последицата по сите од моето молчење.

ВМРО победи на локалните избори. Градоначалниците и советниците на ВМРО почнаа да ги преземаат функциите. Тука се случи нешто кое не можам да го одмолчам. Знам дека е многу подобро за мене да си молчам, да ги оставам, да не се мешам. Зошто побогу да им оставам простор на оние кои се плашат, да ме прогласуваат за предавник и да ме линчуваат по социјални мрежи. Молчи си, свиркај си, остави ги. Но, тогаш на ум ми доаѓаат овие зборови на Сартр кои мораат да бидат водилка на секој слободен човек. Молчењето ќе има последица за целото општество, за секој оној кој непромислено делува, за партијата ВМРО-ДПМНЕ и за мојата држава. Од друга страна кажаниот збор ќе има последица само по мене. Јавниот интерес преовладува.

Нашето уставно име е Република Северна Македонија. Таа реалност мораме сите да ја прифатиме, сите наши градоначалници, сите наши советници. Некому не му се допаѓа, некој е згрозен, некој повреден, некој неволно поминува преку тоа. Веројатно никој тоа не го сака. Ниту мене не ми се допаѓа, ниту јас не сум среќен што моравме да го додадеме она „Северна“ на името Македонија, но, од друга страна, тоа е реалноста која ни овозможи да станеме дел од НАТО и тоа е реалноста која треба да ни ги отвори вратите кон ЕУ. За жал, сѐ уште не ни ги отвори и до овој момент останавме изиграни. Меѓународните односи, за жал, сѐ уште почиваат на сила и интерес. Сила немаме, а интересот кон нас не е преголем. Малку сме, слаби сме, геостратешки сме далеку помалку важни од тоа што ние сметаме дека сме, поделени сме, со многу проблеми и со неразбирлива потреба целиот валкан веш и сите домашни проблеми да ги покажуваме надвор.

Не за партијата, туку за државата

Четири години брзо минуваат. Некои од вас ќе бидат повторно избрани, некои нема. Затоа запомнете, немојте да правите ништо за партијата. „За партијата сум спремен сé да направам” е најглупавата премиса и позиција која можете да си ја прифатите. После вас ќе дојдат други кои исто така ќе се колнат во партијата, ќе сметаат дека е нивна и дека сé од нив почнува. Ќе зборуваат дека никој пред нив ништо не направил, дека 35 години државата тапка во место и дека баш тие се политичката генерација која ќе ја донесе промената. Така е тоа во политиката, па онаа „дај друго дете“ е, за жал, лошата константа. Затоа, мудро. Не за партијата, туку за државата. Ако правите сé за партијата, државата ќе ве казни, а партијата ќе ве заборави. Ако правите сé за државата, така правите и сé за партијата, па не е важно што државата или партијата можеби ќе ве заборави, туку важно е што нешто добро ќе направите. Последно, но не помалку важно, запомнете – секој е заменлив на секоја функција, освен на таа во своето семејство.

Целата колумна на Никола Тодоров за Дојче веле на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e