Свекрвата како метафора за нашиот јавен простор

Свекрвите во нашата традиција (и не само нашата), биле по правило непријателски настроени дури и кон најдобрите и највредните снаи. Им наоѓале маани дури и кога тие ги немале. Иако свекрвата го добивала првото парче торта, погача или месен леб од снаата, таа за нea никогаш не чинела. Oд невестата се очекувало да и’ се обраќала со „мамо“, но таа кон снаата најчесто се однесувала како маќеа. Ваквиот однос штетел на бракот на младите, но и ја искривувал перцепцијата за тоа како треба да изгледа еден здрав семеен живот. Овој дел од минатото, колку и да е врзан за предрасудите или митот за свекрвите, сепак жилаво опстанал како традиционален начин на однесување и во нашето модерно живеење. Судиме и мразиме без причина, само за да се сокриеме себеси, своето несовршенство и сопствените гревови. Никој никогаш не е доволно добар за нас, секогаш другите се виновни, обвинуваме и линчуваме, немајќи потенцијал да се погледнеме и соочиме со себеси.

Ако се живее во една мала, херметички затворена средина, тешко се излегува од минатото и од начинот на кој функционира средината. Лесно е групно да се мисли, да се биде единка во толпата, лист во виорот, за кој никој не знае од каде, зошто и како започнал. И да се прифати покорно улогата на домино што чека удар, само за да дочека да го удри следното домино. Ве удираат – за да удрите! Не мислите за причините и последиците и не ги преиспитувате своите и туѓите постапки пред да реагирате. Преамбициозно е да се очекува ‘мислење со своја глава’ од луѓе што предолго биле лажени и изгубиле доверба во се’. Исто онака како што ретко ќе најдете снаа што ќе и’ даде “кредит” на свекрвата од која со години била угнетувана. Во вакви средини и ситуации критиките сосем ја губат смислата и почнуваат да постојат сами за себе, како во приказните за свекрвите – како омраза, злоба, навреда, љубомора, освета, подмолност, но никогаш како конструктивен начин за лоцирање на проблемот, разговор и наоѓање решение.

Судење „од ракав“

Смртта е една од ретките проверени вистини. Иако ова добро го знаеме, сепак остануваме занемени кога ќе чуеме дека некоја омилена личност што не’ продуховила, не’ забавувала, не’ инспирирала, гo допрела нашeтo срцe – се самоубила. Секогаш насмеана, полна енергија, талент и нескротлива во освојувањето на срцата, а ваму замислете дигнала рака на себе?! Зарем не е и ова една од нашите предрасуди за луѓето, кога ги судиме од ракав, зашто мислиме дека воопшто немале причина за самоубиство, само затоа што ете нам ни изгледале толку среќни?! Најголемата предрасуда е дека сите ние добро ја познаваме човечката природа и дека имаме право да судиме секому и за се’ – без разлика дали се самоубил или пак направил некаков друг, помал грев! А најчесто ништо не знаеме за „грешникот”. За жал, дури и кога би ги знаеле неговите најскриени маки, ние како традиционални ‘свекрви’ попрво би го ставиле под истрага, омаловажување, сомнеж или линч, пред да помислиме да понудиме помош, утеха или разбирање. Поради ова, станува сосем разбирливо зошто самоубиствата стануваат побезболни „решенија” од јавното џвакање и плукање на нечија интима.

Губење на смислата за дијалог

Виртуелните „свекрви” на социјалните мрежи се современиот одраз на малограѓанскиот менталитет во којшто се давиме. Леснотијата со која тие цедат змиски отров за се’ и сешто (освен за себе) и имаат жолчни коментари за сечија постапка, потврдува дека „традициите” од минатото, сѐуште остануваат наше жално и жилаво секојдневие. Денес улогата на „свекрвите” ја играат подеднакво и мажи и жени, и нивните заеднички настапи се врзани исклучиво за објектот на омразата. Добро е што нашиве „свекрви” лесно се препознаваат, зашто не можат долго да го кријат јазикот, исто како и змиите. Но лоша страна е – што се множат брзо. Порано семејствата биле нивни жртви, но денес тие го трујат секој обид и простор за нормална и конструктивна комуникација во пошироките групи и заедници, па ф’рштат и с’скаат по социјалните мрежи.

Во една ваква „атмосфера” се губи смислата за дијалог. Кога последен пат сте следеле разговор на спротивставени идеи и ставови (без да се лие жолч и отров!) од кој нешто сте научиле и сте станале подобри или поразумни? Доминацијата стекната преку силеџиство и злоба, дава јасна слика за немањето систем на вредности и комплетното отсуство на почит и пристојност во општеството. Бадијала уката, науката, културата и сите стекнати сознанија – кога свекрви го узурпираат, креираат и мелат јавниот простор, черечејќи го секој обид за разумност, умереност и разговор. Зборот ќе мора да го сочуваме за градење нови простори и нов наратив, зашто ако го пуштиме сега, којзнае која „луда глава ќе посака да го јава”. А лудите глави очигледно не можат ни да се оладат, ниту да водат дијалози. Затоа можеби е најдобро да се остават во сопствените змиски гнезда, без шанси за дебати од кои тие го хранат чудовиштето во себе и опстојуваат во создавање отров. Без воспоставување барем основни „правила” во јавната комуникација, се плашам дека сите ќе станеме заложници на традиционалните свекрвински методи на мелење. Се работи за тоа како ова да го промениме, а не да го користиме како урнек и оправдување за нашата комуникација денес. Mожеби за почеток ќе треба да се обидеме да почнеме од себеси.

Синоличка Трпкова
Извор: ДВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e