Право на протест

или

КОНТРАРЕВОЛУЦИЈА (2)

Според сите манифестирани назнаки, обете движења, двата протести, двете „револуции“ – некогашната „Шарена револуција“ и актуелната „црвено жолта револуција“ односно протестот „За заедничка Македонија“ – имаат малку заеднички детали и многу нешта што ги раздвојуваат! Дури дијаметрално, особено во целите. Што сепак не е пречка да се разгледуваат заедно.

Едно од неколкуте спојувачки нешта е, на пример, правото на протест како уставно право на македонскиот граѓанин и како едно од основните човекови права. Иако, за волја на вистината, ова право во изминативе години беше во голема мера ускратувано или дури суспендирано на разни начини токму од страна на власта во чија што полза и за чија што сметка сега протестираат црвено жолтиве. И тука повторно и неизбежно треба да се посочи на првите протести на „Прва Архи Бригада“ против „Скопје 2014“ во 2009 година, кои што беа дочекани со насилие под закрила на присутната полиција и растерување на студентите демонстранти! Од тогаш таквиот тип на отворени протести беше речиси целосно блокиран (дури и т.н. паркобрани беа полициски гонети и приведувани!), се’ до масовните студентски протести кон крајот на 2014 година (организирани од „Студентскиот пленум“) и „Шарената револуција“ после нив. Правото на протест, подразбирајќи ги тука и сите законски и, веројатно, морални ограничувања, му дава право секому да протестира за што сака односно против што сака. Дури и на оној полуписмен „новинар“ и „професор“ (sic!), кој трагикомично извикува „… ние сме на барикадите и тука остануваме“. Па нека е протестот и против демократијата (без намера да прејудицирам дека токму кај овие протести станува збор и за тоа) и на начин како што тоа го прават (со таква иконографија, но и директно манифестирано и прилично уличарско осмислено насилие против некои медиуми!) овие кои секојдневно ги гледаме по скопските улици. Но, едновремено, таквото право на протест го имаа и учесниците во „Шарената револуција“, секако, иако од многумина – вклучувајќи тука и некои директни учесници, па и ороводци на иницијативата „За заедничка Македонија“ – тоа право им беше оспорувано. Што, повторно, е битна разлика помеѓу двата протести, зашто денес, никој од „Шарената револуција“, па и пошироко, не им го оспорува на овие правото на протест. Спорни (и оспорувани) се нивните (недемократски) барања и цели!

Вториот потенцијален „спојувачки“ елемент би била улицата како неизбежна, неодминлива сцена за протестите од овој и од секој друг тип. Ја користеше и „Шарената револуција“, ја користат и протестирачите од иницијативата „За заедничка Македонија“, на ист односно сличен начин. Впрочем, улицата секогаш и била главното поприште на сите видови протести, и на оние „за“ и на оние „против“ – бесплатна бина низ која што дефилираат протагонисти од сите сорти. (Патем, Мартин Скорцезе во 1970 година го снима документарецот „Улични сцени“ токму за два протести во САД – во Њујорк и Вашингтон – против војната во Виетнам!). Инаку, за воља на вистината, а бидејќи „Шарената револуција“ еднаш ја согледав како „превасходно културен чин“ односно во „нејзината инклузивност – мултикултурна, верска, полова, етничка …“[1], што пак и’ даваше особен културен сјај и легитимитет, „шарените“ ја третираа улицата како театар (често политички ангажиран), како сцена за перформанси и колористички акции. Односно, „повеќето нејзини манифестации, дури и секојдневното ’здодевно’ одење низ градовите, вклучуваа разнородни (културни) практики и форми, стари и нови проникнувања, трансформации и радикални менувања“. Ова делумно го гледаме и кај протестот „За заедничка Македонија“, иако прилично неинвентивно и блуткаво, со поголем акцент на (политички, поточно прилично бедни политикантски) говори (како оној на сликарот Коле Манев пред Собранието на РМ, па на Љубиша Георгиевски и Саво Климовски итн.). Елементи на релативно интересен (културно политички) перформанс можат да се најдат во врзувањето на црвено жолтите панделки на полициската ограда пред Собранието на РМ – чинам вториот или третиот ден од протестите – со што, наводно, се бришела границата помеѓу Собранието и народот. Можеби, иако не ми е доволно јасно на кој и каков начин. Инаку, стандардна манифестна форма кај двете „револуции“ беа / се’ и музичките хепенинзи.

Оттука, културата, во една поширока смисла, е уште еден заеднички елемент кај „Шарената револуција“ и протестот „За заедничка Македонија“, при што, сепак, „шарените“ беа далеку поинвентивни, подобро подготвени и организарани и, во основа, со идеја која што беше алтернативна во самата суштина! И тоа е една од битните разлики помеѓу двата протести!!! Културата, во вториов случај – кај иницијативата „За заедничка Македонија“ – ќе се покаже и во (некултурна) персонална светлина односно како континуирано учество во првите „борбени“ редови на овие протести. Таа, културата, персонално олицетворена, беше присутна и во „Шарената револуција“, но повеќе како заднинска поддршка во масата, како поддршка меѓу протестирачите, но не и во самото водство. Но и за тоа повеќе подоцна.

[1]Види повеќе во: Златко Теодосиевски, Што е „Шарената револуција“, Нова линија, 2017 (е-книга)

Златко Теодосиевски

Извор

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e