Последниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ?

Многу е едноставно, или Мицкоски ќе си оди во наредните два-три месеци или Мицкоски ќе остане запаметен како последниот лидер на ВМРО.

ВМРО-ДПМНЕ е една од државотворните партии, која одигра исклучително значајна улога во формирањето и унапредувањето на самостојната македонска држава. Со својот силен човечки потенцијал и десничарска идеологија успеа да го бутне социјалистичкиот режим, кој режим, со мал, но нецелосен, прекин за време на владата на Никола Кљусев, кај нас траеше до 1998 година. Социјалистичкиот режим во последните години на владеењето, особено во средината на деведесеттите години од минатиот век, тотално ја разори економијата, овозможи да се опљачка општествениот капитал и потоа да се распредели помеѓу т.н. црвена буржоазија. Црвената буржоазија која имаше полна уста зборови за работничките права и работничкото самоуправување, си овозможи со закони кои самата за себе си го донесе, да приграби се што може да се приграби, а работничка класа во која се колнеа, брутално ја исфрлија на улица како стечајни работници односно технолошки вишок. Оставија без леб стотици илјади работници, односно 38.8% невработеност. Точно е, не само кај нас, во повеќето земји кои го живееја социјализмот, односно комунизмот се случи нешто слично, иако степенот на пљачка беше различен во различни земји. Тие што побргу влегоа во НАТО и ЕУ имаа подобра транзиција, па таму немаше толку тајкуни. Тајкуните, односно олигарсите, во најголема мера се оние кои самите или нивните родители биле социо-буржуи или црвена буржоазија, па искористувајќи ги своите врски приграбиле за малку или за без пари голем дел од јавните добра, стопанства или ресурси. Медиумите, судството, полицијата, администрацијата и општествените претпријатија беа под нивна целосна контрола, па никој ниту смееше, ниту можеше нешто да каже, а уште помалку да се спротивстави. Да не заборавиме дека во тој режим активистите на ВМРО-ДПМНЕ беа следени, за нив беа креирани досиеја иако официјално социјалистичкиот блок беше распаднат. Добро се сеќавам на студентските протести во деведесеттите во кои активно учествував, кога припадници на тајната полиција ме повикаа кај директорката на училиштето, ми кажаа дека ме следат и дека знаат се за мене и моето семејство и дека нема добро да поминам доколку продолжам да ги организирам учениците од училиштето да одат на протестите. Воедно, сакам да забележам дека во тоа време, сегашниов лидер на ВМРО ги презирал вмровците.

За жал, ќе биде целосно некритично ако не кажам дека борејќи се со комунистичкиот и нео-социјалистичкиот режим, ВМРО усвои некои од тие недемократски методи на функционирање, веројатно како резултат на тогашното политичко неискуство или влијанието од уфрлените „патриоти“ по задача, натурализираните тајкуни-олигарси или пак од желбата и зависноста од моќ и пари која се јави кај некои наши функционери.

Битката ВМРО- Левица

Денес, еве скоро 30 години подоцна, откако СДСМ се трансформираше и делумно реформираше, се појави една партија-Левица и еден лидер кој повторно го прокламира социјализмот, овој пат нарекувајќи го нов социјализам, со истата реторика за работничките права како во раниот социјализам во ФНРЈ или како комунизмот во СССР или Бугарија или Романија. Политичката доктрина на оваа партија се базира, меѓу другото, на следнава определба: „Застануваме против унилатерализмот и доминацијата на светската суперсила САД, која го прави светот опасно место за живеење – тргнувајќи од безочното предизвикување војни во други земји, па сѐ до наметнувањето на контролирана нестабилност и опасна милитаризација на општествата. Се спротивставуваме на приклучувањето на Македонија во НАТО пактот и учеството на нашите војници во нивните нехумани мисии“.

Лидерот на оваа партија, како резултат на фактот што неговата харизма, политичко знаење, вештини и реторика е значајно поголемо и посилно од харизмата и политичкото знаење, вештини и реторика на актуелниот прв човек на ВМРО-ДПМНЕ, стана попопуларен од лидерот на ВМРО. На последната седница за пратенички прашања во собранието се обиде да се спротивстави и на Заев, но доби политичка „заушка“, па многу веројатно е дека сега повторно ќе си се фокусира само на ВМРО.

Дали може да поверувате дека Апасиев е повлијателен и повеќе популарен од лидерот на ВМРО? Дали може да поверувате на кое дереџе Мицкоски го доведе ВМРО? Апасиев, во отсуство на харизматичен и/или работлив лидер на ВМРО почна да доминира во опозицијата и го зазема приматот на лидер на опозицијата со само два пратеника во Собрание. Ова е невидено во нашата плуралистичка историја и е резултат на факторот-ултра слаб лидер на ВМРО. Попусто, сега гледам, се обидува ВМРО да го нападне Апасиев. Велам попусто бидејќи како резултат на политичкиот дилетантизам кој го води ВМРО, наместо да му го спуштат рејтингот, ќе ги направат Апасиев и Левица уште попопуларни. Битката ВМРО- Левица, со овој лидер на ВМРО, неминовно ќе ја направи Левица победник, и посилен фактор на македонската политичка сцена. Фингираниот судир Мицковски- Апасиев, нема како да заврши освен со победа на Апасиев.

Во последните повеќе од една година, преку јавна критика, свесен дека со тоа јас лично ќе загубам кај традиционалното вмровско членство, се обидувам да ја помогнам десницата да биде на вистинската страна на историјата, на правиот пат, на патот на успехот и победата. Наместо да прифатат и да се коригираат, тие ми вратија со говор на омраза, навреди, закани и омаловажувања и за жал си продолжија по тој крив пат. Од друга страна, Мицкоски, најслабиот лидер на опозиција во независната македонска држава и убедливо најслабиот лидер на ВМРО, е опкружен со луѓе кои сметаат дека НАТО ни е непријател и кои копнеат за деведесеттите години, со луѓе кои мислат дека се реинкарнација на Тодор Александров, Ванчо Михајлов или Гоце Делчев, и со луѓе кои единствено се заинтересирани да вртат турбините, шлеперите и киперите. Фатална комбинација од политичко неискуство, нехаризматичност и алчност за власт, моќ, пари и по некој артефакт.

„Дувло“ на стотина

По моја слободна проценка, станува збор за околу стотина луѓе. Овие стотина луѓе го држат ВМРО во заложништво, а над сто илјади членови и симпатизери молчат и ова го трпат. Многумина се плашат дека доколку се спротивстават, ќе ги прогласат за соработници на власта, ќе ги обвинат дека работат против партијата, односно ќе го доживеат тоа што јас го преживувам овие две години од страна на ботовите од „Дувло”, кое постои, не е фикција и чија задача е распнување на неистомислениците на ФБ преку креирање на лажни вести, говор на омраза или навреди и закани.

Целата колумна на Никола Тодоров за Дојче Веле на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e