Работата што нас нѐ чека не може да се сведе на вообичаено заменување на една власт со друга, како во безвремената поговорка за власта, коњот и Мурто и Курто. Оти нашиов коњ само што не пцовисал.
Добро, полесниот дел од работата е завршен: после неколку опасни години на живеење во Македонија и нивниот финален обид целата земја да ја втурнат во граѓанска војна, се случи така што силите на македонската и на меѓународната политичка гравитација – тој неумолив закон на физиката, на центрифугалните и на центрипеталните тенденции што „патриотите“ никако не успеваат да го научат ни за историско двојче – повторно го акнаа ВМРО од земја, уривајќи го грдиот, насилен, гнасен, лоповски режим на Никола Груевски и Фамилијата. Ќе има тука уште некоја епизода на плетканици, претседателскиот Гаргамел ќе дави барем уште до средината на идната недела пред и самиот конечно да биде вовлечен во „вителот“ на целосно вразумување, но, велам, и оваа несреќна страница од македонската историја е завршена. Нејзиното детално прочитување ќе го превземат органите на истрагата и прогонот, за да можеме да ја свртиме и да ја оставиме зад себе.
Но, сега следува потешкиот дел од работата: како, излезени под гипсаните, барoкни урнатини на стариот режим, да се оправаме и да продолжиме да градиме модерно, демократско, просперитетно македонско општество?
Пцовисан коњ
Поттикнат од победата на Макрон во Франција и на компликуваната агенда за редефинирање на француската политика што него го чека, некој таму постизборно потсети дека уште генералот Де Гол се прашуваше дали има таков кој воопшто може да владее со земја во која има 246 видови различно сирење!
Македонија, верно, има 4-5 видови сирење вредни да се стават на маса барабар со француските, но владеењето во земја во која се сетиле и урдата да се продава за ставање во бурек со сирење, не е помалку компликувано од она со Франција. А особено не по сето она што ни се случуваше во изминатите десетина години. Работата што нас нѐ чека не може да се сведе на вообичаено заменување на една власт со друга, како во безвремената поговорка за власта, коњот и Мурто и Курто. Оти нашиов коњ само што не пцовисал.
Еве, да почнеме од потребата да се врати или, дури, и наново да се воспостави правната држава, но не како концепт за одмазда и реваншизам (како што предупредува мојот уредник Геровски) со оние кои правото го изгазија и си ги избришаа ѓоновите од него како да е влажна крпа спружена пред ќенеф, туку како систем за навремено, институционално стопирање на нелегалноста пред таа да земе толкав замав и угоре и удолу, што да го нагризе општеството до неговите голи ‘рбетни пршлени. Може ли тоа да се спроведе денес во Македонија во која веројатно повеќе од две третини од граѓаните, да ги прашате во некоја анкета, би гласале за воведување на смртната казна!
Аспирин или антибиотици?
На таа авторитарна свест, со која живееме со векови и на која се воспитуваат и нашите деца низ денешниот официјален образовен систем, се надоврзува и очекувањето државата да ни биде „и мајка и татко“ во животот. Груевски само отиде најдалеку во, како што предупредува мојот пријател Петар (Пеѓа) Арсовски, целосната супституција на меритократијата со клиентелизмот – тоа очекување груевизмот детално го спроведе и до хиерархиски најдолните општествени и професионални слоеви во општеството.
А, да ве прашам, со Македонија и со неопходноста од реформи на памет, има ли просперитетна и демократска земја во светот во која просекот на платите во државната администрација е повисок од просекот на платите во приватниот сектор, од чии даноци таа јавна администрација зема плата? Мислите дека Груевски и Ставревски, кога за десетина години власт, го дуплираа бројот на вработени низ државните канцеларии и кога обезбедија платите на партиско-државната администрација да бидат поредовни од изгревањето на сонцето, ја немаа изборната математика в глава? Што да прави новата власт по тоа прашање, кога нѐ очекуваат нови, локални избори веќе во октомври? Предизборно да нуди „аспирин, иако проблемот треба да се решава со хемотерапија“ (Арсовски)?
Едно за сите, сите за…
Паралелно со ова, се разбира, е третманот на можеби најважната политичка тема за Македонија: нашите меѓуетнички односи. Идејата на СДСМ за градење „Едно општество за сите“ е, реално, пресвртница во партиската мисла на овие (балкански) простори; но е и над реалниот политички капацитет и на етничката македонска јавност и на етничкиот албански политички фактор во државава. А да не говорам за тоа дека по овие суптилни општествени прашања, за кои ќе треба на долго и на широко да се „смирува“ и „пегла“ македонскиот мнозински страв од „барањата“ на албанската малцинска заедница во државава, СДСМ ќе се соочи со својот најголем политички противник – самото СДСМ. Се плашам дека постојат сите изгледи оваа круцијална политичка дебата, а потоа и конкретните државни политики, за кои насушна потреба има македонското општество на оваа тема, да се загубат во гнилите меѓупартиски договори, низ лошите кадровски решенија, во продолжената хистерија на вмровската пропаганда што нема да престане со заминувањето на идејата за „грујоленд“ во опозиција, преку евентуалното исклучување на влијанието на граѓанскиот сектор и кога сега надежната, нова власт ќе се почувствува „залегната“ на функциите итн. Да не биде дека е добро едно општество за сите, ама дека сите сме за никаде.
Оти, ако партијата на Зоран Заев не испорача конкретни промени на темата „Едно општество за сите“, ризикува веќе на следните избори да ја анулира политичката поддршка од етничките Албанци кои тие, во изненадувачки количества, му ја пружија на СДСМ на минатите избори. Без таа поддршка, нема ни подобро, а особено нема да има едно општество за сите. Проблемот е во тоа што и албанските политички партии (пред сите ДУИ, бесна заради преполовената поддршка од „своите“), а и опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ, многу добро ја знаат ваквата изборна математика, па ќе бидат во 24/7 ситуација и од внатре (во власта) и од надвор (во опозицијата) да го кочат и минираат тој проект.
Сакам да кажам, полесниот дел од работата е завршен, се урна злокобната диктатура на Груевски и Фамилијата. Сега нѐ чека навистина потешкиот дел од работата, да ја докажеме изреката на Џон Кенеди дека „надоаѓачката плима ги крева сите чамци“. Да видиме како ќе се подигне нашиов, македонски чамец, заринкан на опасните гребени на пост-вмровското еднодецениско владеење…
Колумната на Сашо Орданоски е објавена во „Слободен печат”