Нема друго: Капитулација!

Како сакате кажете, но фасцинантен е начинот на кој г. полицаец Митко Чавков се вивна во стратосферата на оние што прилично доживотно ќе заглават во македонските затвори. Не знам каков му е аранжманот со Мијалков и Груевски, не сум сигурен за компензациските компоненти на тој облигативен договор за дело, но сигурен сум дека барем еден од нив ќе отслужи некоја година помалку од него. Па, тогаш, колку треба да си глупав за да (не) ги правиш работите што тој (не) ги направи?

Поради мојава проклето колоритна новинарска професија, како и поради нашава проклето црно-бела македонска понова историја, се изнагледав разни македонски, балкански и небалкански полицајци во животот и можам да ве известам дека меѓу нив имало и некои од најинтелигентните луѓе што сум ги сретнал – но, овој Чавков Митко не ми делува како таков. Една операција не спроведе како што треба, човек да се посомнева дали, всушност, не работи (и) за „другата страна“; ама, велам, за тоа би требало квалитет на интелигенција што не можам да ја детектирам кај овој „долгогодишен професионалец“ (цитирано според Н. Груевски).

ПУСТИ САТЕЛИТИ!

Според моите, пак, сигурни келнерски информации – а во доверливоста на таа информативна мрежа вложувам силни напојници повеќе децении наназад! – за време на онаа вечер на најтажните и најопасни случувања во македонското Собрание од 1938 г., кога е изградена таа зграда, г. Чавков, до нешто пред 20 часот, седел во една скопска кафеана со оперативниот врв на Бирото за јавна безбедност. Не е важно што се јадело и што се пиело таа вечер, како и за тоа на што се наздравувало, додека дивеењата во Собранието го достигнуваа својот крвав врв – она што е важно е дека, ако моите информации, велам, се точни, г. Чавков морал да ги држи сите полициски „команданти“ на иста маса за да може непосредно и ефикасно да го контролира нивното однесување, како би спречил некој од нив, случајно, многу случајно, есктремно случајно да не преземе нешто што им е во опис на нивните професионални и законски обврски, а можеби и во некоја преживеана клетка во совеста. Мобилните телефони се извадиле на маса и стоеле на увид дури и кога некој ќе заминел на мочање, а обезбедувањето добило наредба никој да не се качува и да не ги вознемирува на горниот кат на кафеаната каде што заседавал овој кризен полициски штаб на вооруженото крило на Фамилијата.

Чавков тврди дека никој таа вечер не го информирал за случувањата во Собранието, додека не му се јавил Груевски од Виена – по сателитските телефони набавени од еден од најголемите сојузници на САД коишто, нели, телефониве, апсолутно никој не може да ги прислушува, оти се на сателит, високо над Земјата – да го праша до кај е работата со одвивањето на целиот план и какво миривче сака да му купи од фри-шопот на виенскиот аеродром. Бидејќи, во еден момент, Центарот за комуникации на партијата-мафија проценил дека, од пропагандна гледна точка, директниот пренос од собранискиот масакр почнува да работи против нив во широката македонска и меѓународна јавност, како и дека планот за воведување вонредна состојба пропаѓа како резултат на (ужасно предвидливото) предавство на Иванов, тие дале мислење дека не е лошо полицискиве началници да си ги мрднат дебелите безбедносни газови од кафеанскиот астал и да воведат некаков ред во центарот на Скопје, да уништат колку што е можно повеќе докази, пред работите да добијат навистина неповратно трагични димензии и по нив, самите.
Другото е историја. На пробивот на кривичната стратосфера на Чавков и друштвото.

ПОЛИТИЧКИ ХОСТЕСИ

Пред следната фаза на посипување со пепел, многумина интелигенти од под шинелот на Груевски се прашуваат каде згрешија? Списокот е огромен и трае со години, но за да ја разберете последната фаза од нивниот комплетен (и преплатен со пари и крв!) дебакл, дозволете да ви го цитирам Џон МекКејн, еден од највлијателните американски сенатори, републиканец и бивш претседателски кандидат, од дел од неговиот текст објавен само еден ден пред крвавите настани во македонското Собрание:
„По две светски војни, САД се обврзаа кон зачувување на целовитоста, слободата и мирот во Европа. Го сторивме тоа бидејќи една генерација државници препозна дека американското водство е клучно за постигнување мир и просперитет во Европа, којашто беше и сѐ уште е национален безбедносен интерес на САД. Низ изминатите седум децении, донесовме одлуки и поднесовме жртви да си останеме на таа обврска: низ цела Европа за време на Студената војна, во Босна и на Косово во деведесеттите, и денеска меѓу државите на источното крило на НАТО. Повторно мораме да бидеме подготвени да ја одбраниме таа обврска во Југоисточна Европа, бидејќи историските лекции се јасни: ако го игнорираме тој регион, тоа е на наша штета.“

Според тоа, ја разбирате ли големината на глупоста кога некоја хостеса од Сител, во име и за сметка на Груевски, ќе го праша Хојт Ли кој го овластил да помогне во решавањето на македонската криза? А, бе, абдали, погледајте ги клучните зборови од погорната изјава: „национален безбедносен интерес на САД“, „Југоисточна Европа“, „ако го игнорираме“ и „на наша штета“. Е, па, вие продолжете да ги слушате Мирка, Васко и Латас како со години ви ги објаснуваат српските теории за заговор на Балканот, па ќе се видиме пак за десетина години.

ХЕ-ХЕ-ХЕ-ХА-ХА-ХА

Сега тежиштето на кризата е преселено во центарот на мафијата. Сардисани од сите страни, како Берлин во мај 1945-та, пролетната приказна што Рајх-канцеларијата штотуку им ја продава на партиските членови и на масата заблудени и исплашени поддржувачи и клиенти на распаднатиот режим е следна: добро, навистина, и оваа битка мизерно ја загубивме, но бидете без грижа, партијата – тие себе уште се доживуваат како партија! – организациски и финансиски ќе се престрои и ќе ја превземе улогата на силна опозиција, а и нашите православни сојузници, кај и да е, само што не стигнале! „Нашите луѓе во ДУИ – им вели Груевски од бункерот под хаупт-квартирот во центарот на Скопје – нѐ уверуваат дека новата влада на Заев нема да трае ни до декември, а до тогаш, под моето потврдено премудро водство, ќе ги задржиме улиците со протести и ќе ја блокираме работата на државата на секое ниво, во секоја канцеларија, од писарниците до министерските кабинети, ќе бараме плати и субвенции, ќе ја браниме правната и социјалната држава и ќе правиме диверзии, субверзии и перверзии додека не ги принудиме предавниците од СДС на вонредни избори кон крајот на годинава! И, не се секирајте, Хорхе ќе го аболира секого кој ќе се осуди за нашите злодела, а и НАТО само што не се распаднало! А потоа, како и до сега, од партиските клиентелистички магацини, бесплатно пак ќе обезбедуваме за сите вас од пелени до надгробни споменици…“

Хе-хе-хе, ха-ха-ха, хе-хе-хе, ха-ха-ха… И уште малку: хе-хе-хе, ха-ха-ха… И уште малкуцка: хе-хе-хе…

Тоа е. Што да се прави. Претпоставувам дека патриотската комитска музика во лифтовите на партиската палата на ДПМНЕ си продолжува да си свири кога ќе се отворат и ќе се затворат вратите од кревалото, баш како што оркестарот на Титаник продолжи да свири додека палубата не стана неподносливо стрмна и лизгава…

КАКО НИШТО ДА НЕ БИЛО?!?!

Правењето сметка без крчмар отсекогаш бил омилен спорт во македонската политика. Очигледно, Фамилијата си мисли дека малку ќе го зачетка правот од рамената и дека ќе си продолжи на политичкава сцена во Македонија како ништо да не било! Па, и во сосема нормални околности кога ќе загубиш власт работите не изгледаат баш така розово, а не кога си поразен после ваков упорен и долготраен обид за потпалување на Трета светска војна на кој бевме изложени.

Слушам, на Иванов идната недела нема да му биде дозволено да го даде мандатот на Заев во својата резиденција на Водно, туку ќе го потпише примопредавањето во еден напуштен вагон пригодно паркиран на слеп колосек на некоја ранжирна станица накај Кучевишка Бара. Памтите: безусловната капитулација на Милошевиќ беше потпишана под шатор на ледина кај Куманово, а не во претседателската палата во Белград. Таа симболика има историска важност, баш како и снимките од раскрвавените глави во Македонското собрание. Затоа, нешто ми говори дека голем дел од злосторниците на Фамилијата, на чело со двајцата први роднини, нема да ги уживаат долго плодовите на својата епохална пљачка на Македонија…

Колумната на Сашо Ордановски е објавена во „Слободен печат“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e