Куса историја на македонскиот политички (не)морал

Во својата 30-годишна демократска историја, Република Северна Македонија има релативно кусо, но значајна историја на дадени и понудени политички оставки. Кога ќе се види таа листа на функционери – сѐ до последниве од минатиот петок – прилично јасно се конституира „дијаграмот“ на (не)моралните подеми и падови кај главните политички формации во државава, од што секој може да си донесе свој заклучок.

Имено, историјата на оставките од морални причини во државава започна со онаа на Антони Пешев во ноември 1993 година, кога тој си поднесе оставка по двете авионски катастрофи, во март во близина на Охридскиот аеродром и во ноември на Скопскиот аеродром. Во октомври 1995 година, по неуспешниот атентат врз Киро Глигоров, оставка понуди, но не му беше прифатена, министерот за внатрешни работи Љубомир Фрчковски, а потоа следуваше Ѓунер Исмаил во 1996 година, тогашен министер-портпарол на владата, кој, по повод смената на мојата маленкост од директор на МТВ, се повлече од владата на Црвенковски изразувајќи остро и принципиелно „несогласување со директното вмешување на Владата во уредувачката политика на МРТВ“.

Во ноември 2004 година Хари Костов демонстративно, по само 5 месеци на должност, се повлече од премиерската функција, наведувајќи дека „во Владата не постои волја за тимска работа и за економски развој како приоритет“, констатирајќи дека во ДУИ расте корупцијата и непотизмот како нивен главен политички приоритет.

И секретарот на Владата, Драги Рашковски, си даде оставка во април годинава, под притисок на јавноста, поради наводните службени злоупотреби што ги направил, чија истрага е во тек.

Конечно, пред понудената оставка на Венко Филипче некни, како министер за здравство и потпретседател на партијата, списокот на СДСМ се „затвора“ со поднесената политичка оставка на Зоран Заев во јануари 2020, вешто отворајќи пат за формирање на техничка влада и нови предвремени парламентарни избори во државата.

Во партиската владејачка историја на нивните политички опоненти, ВМРО-ДПМНЕ, пак, има само еден (групен) настан со оставки, чија врска со моралот е далеку попроблематична од ургентноста на политичкиот опортунитет: оставките на Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков и Миле Јанакиевски во мај 2015 година по безбедносниот дебакл во кумановско „Диво насеље“ (да не заборавиме, таму животот го загубија 8 македонски специјалци, а дури 37 беа ранети и повредени) и по многу-месечните кумулативни ефекти на скандалите со „бомбите“, „Случајот Мартин Нешковски“ и масовните граѓански протести – па и тогаш, оставките на Јанкуловска и Мијалков симптоматично и експресно следуваа после интервенцијата на Американската амбасада во Скопје, а за инспирацијата, организацијата и последиците од кумановската трагедија ни до ден денеска не е поведена суштинска истрага.

Целата колумна на Сашо Орданоски за Цивил Медиа на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e