Историската вина на ВМРО-ДПМНЕ

Веќе е кристално јасно дека уставни измени ќе нема. Штета, голема штета, што нема да го видиме тој историски пораз кој ќе беше прогласен за голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски партнери. Можам да го замислам тој патриотски триумф кога претседателот на Собранието го констатира резулататот од гласњето дека уставните измени не се донесени. Мнозинството од 72 гласа „за“ не е доволно Бугарите да влезат со останатите десет етнички заедници, или како што се викаат делови од народи, во македонскиот Устав. Би било тоа вистински вознес на уште еден катастрофален пораз прогласен за победа.

Но, и без гласање, ВМРО-ДПМНЕ со своите сателити тоа веќе го прокнижи како победа. Е, сега останува прашањето што по неа, што ќе ни се случува по ваквата „заслужена“ победа без гласање. Собраниското неостварено гласање ќе се оствари на парламентарните и претседателските избори, со големи изгледи Македонија да не ги почне преговорите со ЕУ, без разлика кој ќе победи на изборите. Ќе биде работата доцна стасаа и Марко и Јанко на Косово Поле. Пак ќе бидат потребни 80 гласа „за“ во Собранието. Што мислите, ќе има ли некоја коалиција двотретинско мнозинство да ја заврши работата? Секако, тоа е голема неизвесност. Која е гаранцијата дека и идната опозиција, која и да е, нема да ја продолжи блокадата на преговорите со ЕУ, или ќе го враќа ударот за неусвоените уставни промени?

Како вчера да паднале од Марс

Пак ќе треба Бугарите да влезат во Уставот, и по изборите. Ќе може ли да се остварат реформите кои се најважни и кои се суштинската содржина на преговорите? Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ветува дека и по преземањето на власта нема попуштање без подобар договор со Бугарија и промени во преговарачката рамка, или некакви други остапки кои ќе бидат прифатливи како можен реципроцитет. Тоа не значи ништо друго освен сигурно одложување на преговорите со ЕУ на неодредено време, на голема радост на лево/десните радикали и противници на членството во ЕУ, кои сѐ уште се кријат зад излитената флоскула демек и ние сме за Европа, ама не по оваа цена.

Што ќе правиме тогаш со реформите во кои се содржани сите тридецениски партиски ветувања во сите области и сѐ она што пред сите избори беше цврста определба за отстранување на метастазите на македонското болно општество? Почнувајќи од владеење на правото, судските реформи, пресметка со организираниот криминал и корупција , подобро здравство, образование, економија, живиотен стандард, земјоделство, екологија, култура, медиуми и сѐ друго што опфаќаат преговарачките поглавја за изградба на демократска држава.

И на тоа имаат одговор Христијан Мицкоски и неговите истомисленици кога, како да не биле тука, како вчера да паднале од Марс, велат „па кој ни брани тоа да го направиме сами“. И навистина, кој ни брани тоа да го правиме сами и без преговори со ЕУ?

Се разбира, никој. Ама немаат одговор зошто тоа не го направивме во изминатите 32 години од кои ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беа безмалку по 16 години на власт, но и во опозиција и ги имаа сите владини и собраниски механизми за одлучување, претседателските функции, заедно со нивниот коалициски партнер ДУИ, кој е на власт 20 години.

Доста лажете бре!

Човек не може да се изначуди како ли им успева оваа голема лага дека можеме сами, кога на очиглед цели 32 години не успеаја да ги направат реформите, како што не можеше да ги направи сама ниту една земја кандидат за членство во ЕУ. Без помош на ЕУ и финансиска и стручна и искуствена таа грандиозна преобразба на постокунистичките земји која сѐ уште трае е невозможна. Има уште нешто многу значајно за улогата на ЕУ за време на преговорите, а тоа е позитивниот притисок на Брисел да се остварат реформите како што треба. Во периодот на преговорите, кои траат повеќе години, јавноста ги оценува владите според успехот на остварување на реформите, а не според лагите и ветувањата. Тука оценките се за конкретни успеси и неуспеси.

Целата колумна на Ерол Ризаов за Дојче Веле прочитајте ја на следниов ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e