Има разлика

Сето тоа е „пи-ар“, ќе рече некој. Поточно, повеќето (полу)разочарани „мудреци“ ќе го речат тоа, онака фино насадени на двоседот, со пиво, шунка и телевизор пред нив. В ред, нека е и „пи-ар“. (Пи-ар или PR – односи со јавноста; некои често го мешаат и со пропаганда, што во некои услови и под одредени режими најчесто тоа и е). Да ги споредиме.

Едниот „пи-ар“ е позитивен, насмеан, сончев, со поглед кон иднината, повикувачки (има место за сите под сонцето), полн со надеж (некогаш и преполн), успокојувачки (некогаш и премногу)… Па тоа и му е работа на „пи-арот“, впрочем, да успокои кога е тешко, да влее надеж… Секако, уште подобро е кога тој „пи-ар“ и не дава (само) лажни надежи. Добро е кога е пристоен, едноставен, ведар и богат со податоци за кои знаете дека се точни и кои можете да ги проверите и да ги толкувате и самите, ако не ви се допаѓа презентацијата од „пи-арот“. Кога има фотографии и видео снимки, линкови до релевантни извори, кога сѐ е онлајн и може да се провери…

Каков е „пи-арот“ на спротивната страна? Мрачен, злокобен, преполн со апокалиптични слики, со врескање и плачење, небаре е Среден Век и земјата ја изгореле проклетства, чума и суша. Преполн е со контрадикции и „дупки“. Се служи со лаги и навреди, а неретко и со вулгарни изрази. Ни трошка надеж и спокојство. Смрт, пресметки и убиства на „другите“, „различните“, „предавниците“, „шпионите“… Закон на улицата, судот на „народот“, божја казна, исконска правда… Коски, ножеви, знамиња, крв, лелек и смрт, смрт, смрт… Садомазохизам…

Првиот „пи-ар“, оној позитивниот, ако ништо друго, барем не се заканува со крв и убиства, страдања и распад. Може слободно да се посомневате или целосно да го отфрлите и знаете дека нема влакно да ви фали од косата. Зошто? Затоа што зад тој „пи-ар“ стојат луѓе кои никогаш нема да пратат полиција, судови, инспекции или партиски милитанти да ви ја обележат куќата, да ви се закануваат, да ве исфрлат на улица, да ве тепаат, затворат, судат или убијат – само затоа што не им верувате или ги критикувате и повикувате на нивни оставки и слично.

Оној мрачниот „пи-ар“ уште сега ви кажува дека ќе има крв до колена. Бара слобода за криминалци и убијци. Уште сега ви е јасно дека, не само што ќе ја изолираат малата земја во која живеете, туку и дека ќе ја поделат и завојуваат самата со себе. Дека ќе грабаат колку што можат и не можат, дека на своите „смртни непријатели“, наши сограѓанки и сограѓани, ќе им ги земат парите и имотите, а на некои секако и животите. Сето тоа, па и повеќе, е веќе видено и посведочено. „Различните“ се непријатели, тие немаат права, заслужуваат само смрт… Само „истите како нас“ или „нашите“ заслужуваат да живеат.

Едниот „пи-ар“ секогаш е спремен да одговори, другиот „пи-ар“ им одговара само на „своите“, со однапред договорени прашања, со „месијански“ одговори.

Едниот „пи-ар“ е навистина тоа. Другиот е пропаганда.

„Како тоа?“ – прашува „мудрецот“ мрзоволно и сочно ждригнува и пцуе.

Едноставно. Иако често ги поистоветуваат, има голема разлика меѓу нив, што може да се заклучи и од ова погоре. И на двете им е својствено да ги обликуваат перцепциите и јавното мислење. Се користат со исти или слични средства, во прв ред медиумите. Разликата меѓу нив е, пред сѐ, во вистинитоста на нивните пораки.

Целата колумна на Џабир Дерала за Фронтлајн на следниот ЛИНК.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e