На 21 ноември 2013 година, претседателот на Украина, Виктор Јанукович, донесе одлука да се прекинат подготовките за имплементирање на Договорот за асоцијата на Украина со Европската унија. Тоа ги предизвика протестите познати како Еуро мајдан, од страна на граѓаните и партиите кои сметаа дека со тој чин претседателот Јанукович ја загрозил перспективата на земјата за членство во ЕУ.
Неговите и проруските поддржувачи, кои со месеци пред тоа беа заплашувани дека со членството на Украина во ЕУ, НАТО доаѓа до границите на Русија, започнаа со контрапротести и по крвавите судири кои траеја со месеци, Јануковиќ со руски авион ја напушти Украина и замина во Русија, а Русија многу брзо потоа го анектираше Крим и го припои кон својата земја.
Судирот меѓу проевропските и проруските сили сѐ уште трае во Украина, и се гине во реонот Донбас кој е под контрола на проруските сили, а кризата во Украина не е надмината и покрај тоа што на изборите победија партиите кои се за интеграција на Украина кон ЕУ.
Нашиот Јанукович
Кога почнаа протестите во Македонија против масовното кршење на човековите права од режимот на Груевски и кога опозицијата побара промена на власта заради злоупотребите и криминалот што таа го правела, а за кои се дозна од нелегално прислушуваните разговори, руското МНР за прв пат почна да лиферува соопштенија во кои зборуваше за „опасноста од украинско сценарио во Македонија“ и бараше да биде поддржана резолуција на Русија со која ќе се осуди „насилното менување на легално избраната власт“.
Истовремено Русија ја финансираше проруската и анти-нато опозиција во Црна Гора и бараше „насилна смена на власта“ која веќе го имаше започнато процесот на зачленување на Црна Гора во НАТО.
Со оценката на Руското МНР за Македонија, неодамна се согласи и премиерот на Србија, Александар Вучиќ, кој по средбата со Путин пред одржувањето на претседателските избори во Србија, изјави дека „никогаш нема да дозволи спроведување македонско сценарио во Македонија“ во смисла на „насилна промена на легално избраната власт“ и додаде дека стекнал впечаток од разговорот со Путин дека тој не поддржува формирање влада од страна на Зоран Заев, односно од страна на новото парламентарно мнозинство.
На опасноста од украинско сценарио во Македонија во една прилика укажа и Али Ахмети, и рече дека не сме го сфаќале сериозно кога тој нѐ предупредувал на тоа. Но, Ахмети ја споменуваше Украина во еден друг контекст. Од она што го изјавуваше беше јасно дека тој самиот смета оти „ако некои политички сили со свои одлуки и со своето однесување ја спречат или продолжат да ја спречуваат Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО, како што тоа го направи Виктор Јанукович во Украина, можно е граѓанскиот консензус околу тоа прашање да се распадне и таквата политика да доведе до меѓуетнички конфликт и до поделба на Македонија по етничките линии, па и до федерализација и припојување на делови од Македонија кон држави кои избрале различна надворешно политичка орентација“.
Покрај сѐ, сепак се чини дека има некоја тактика на СДСМ и на партиите од новото парламентарно мнозинство за излез од сегашната уставна и институицинална криза.
Ахмети, но и голем број македонски аналитичари и политичари со право укажуваа на фактот дека социјалната и политичка кохезија во Македонија, од стекнувањето на независноста до денес се одржува пред сѐ преку одржување во живот на идејата дека еден ден Македонија ќе стане членка на ЕУ, со што ќе станат беспредметни сите идеи за некаква Голема Албанија, Голема Србија или Голема Македонија, кои за да се создадат потребна е промена на границите која тешко би поминала без војна.
Токму ова го повтори и Еди Рама деновиве, кој во интервју за порталот Дијалог плус изјави: „ Границите на Балканот се безбедни сѐ додека балканските земји се насочени кон интеграција во ЕУ. Но, доколку овој процес пропадне, тогаш дебатата за границите ќе се врати на маса“.
Македонија не е Украина
Бидејќи Македонија е повеќе од 10 години закочена на патот на европските интеграции, не само заради разликите околу името со Грција, кои Груевски дополнително ги компликуваше со потрагата по античкото потекло на Македонците и со проектот „Скопје 2014“ туку и заради назадувањето на планот на демократијата и владеењето на правото, изборите одржани на 11 декември беа една нова можност со промена на односот на политичките сили во земјата да се откочи процесот на интегрирањето на Македонија во ЕУ.
Таквата можност се создаде и со успехот на СДСМ за парламентарно мнозинство кое би формирало реформска и проевропска влада во Македонија.
Но, нашиот Јанукович, во ликот на Иванов, изнаоѓа шпекулативни начини да не дозволи формирање таква влада, бидејќи новото парламентарно мнозинство не го убедило дека ќе спроведува политика на приближување на Македонија кон НАТО и кон ЕУ, за разлика од претходната влада. Тој се сомневал во политичките намери на новото параламентарно мнозинство и смета дека ако тоа мнозинство формира влада дека таа ќе била „уценета“ (веројатно од Албанија) и дека тоа нема да биде влада чиј легитимитет нема да го оспорува новата опозицијата во Македонија или Уставниот суд.
Иако Иванов нема право според Уставот да го условува составувањето влада од страна на мнозинството, со поставувањето политички предуслови, како што му укажува и советникот на ВМРО ДПМНЕ во градското собрание, професорот Владо Поповски, тој си ја зема улогата на некаков „спасител на Македонија“ од лошите намери на новоизбраното парламентарно мнозинство на избори кои беа организирани под мониторинг и со помош на ЕУ.
Во земјата дојдоа Европскиот комесар за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, европратениците кои без задолжени за помош при решавањето на политичката криза, комесарката за надворешна политика на Унијата, Фредерика Могерини и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и сите му кажаа на Иванов дека „неговото однесување ја кочи Македонија на патот кон ЕУ“ и побараа од него „да ги почитува Уставот, демократските правила на играта, па и пристојноста и здравиот разум и да го додели мандатот на парламентарното мнозинство за состав на влада, без оглед на неговите лични сомневања и предрасуди“.
И на сите им стана јасно дека Иванов, како и со аболицијата на обвинетитете од СЈО, прави сѐ за Македонија на подолг рок да остане без функционални институции и без нова влада, со што ќе го продолжи животот на авторитарниот режим на Груевски, кој во сенката на постизборната криза продолжува со криминалот и корупцијата во сите институции.
Освен забраната за патување во САД и заплена на имотот на Иванов и Груевски и на нивните бизнис и политички пријатели кои ги поддржуваат во креирањето атмосфера за војна во Македонија, можно е да се соочат и со меѓународни истраги за проневерени пари од европските фондови, за вклученост во меѓународен криминал и да станат предмет на меѓународен кривичен прогон.
И додека Иванов му се оддолжува на Груевски за својата политичка кариера, со своето незаконско и противуставно однесување, партијата на Груевски во Собранието ги користи сите можни трикови за да го спречи новото парламентарно мнозинство да го конституира Собранието и да формира влада.
Целта е да се продложи сопствената власт и по изгубените избори преку сегашната техничка влада, да се изнудат ако е можно, нови парламентрани избори преку непризнавање на избирачката волја од изборите одржани на 11 декември и новите избори да се одржат во атмосфера на силна политичка конфронтираност и обвинувања на партиите од сегашното параламентарно мнозинство за „заговор против државните и националните интереси“.
Клучниот аргумент на партијата на Груевски, која е во коалиција со партиите на Ѕинго, на Амди Бајрам , на Стефче Јакимовски и на Иван Стоиљковиќ, е дека ако сегашното парламентарно мнозинство формира влада, која наводно земјата ќе ја направи бинационална и ќе ја федерализира, тие не ќе можеле да го контролираат „гневот на македонскиот народ“.
За да го направат овој аргумент веродостоен, тие организираат и „протести на загрижените граѓани“ кои се закануваат дека „ќе ги бранат институциите од инсталирање ненародна власт“, независно од изборните резултати.
Играјќи на „антиалбанското расположение“ во Македонија, криминалците во својата пропаганда го користат поимот „Тиранска платформа“ и „Тиранска влада“ кои асоцираат дека намерата на парламентарното мнозинство е во Македонија да воспостави „туѓа власт“, односно Влада уценета од Тирана и под контрола на албанскиот лидер Еди Рама.
Целата колумна на Ѓорѓи Спасов објавена на Призма прочитајте ја тука