Чекор поблиску до НАТО, понервозна Русија

По уставните измени и пред посетата на Путин на Србија, Москва отвори нова политичка офанзива против македонското членство во НАТО, обвинувајќи ги САД и Западот дека со сила ја внесуваат Македонија во НАТО и со тоа го дестабилизираат Балканот. Таа најнова офанзива ја почна токму рускиот претседател.

Како Македонија се приближува до НАТО, така Москва станува понервозна и ја засилува реторичката антизападна офанзива, велат аналитичарите и политиколозите, по уставните промени во Македонија и по последните пораки од врвот во Москва. Тоа, додаваат тие, се покажа и со лавината реакции и изјави од Кремљ за само неколку дена дена. Путин ретко дава изјави за Македонија, но овој пат, пред минатонеделната посета на Србија, се јави токму тој.

„Политиката на САД е дестабилизирачки фактор на Балканот. САД и некои западни земји со сила сакаат да ја внесат Македонија во НАТО“, изјави Путин во интервју за белградските весници „Политика“ и „Вечерње новости“.

Вербална престрелка Русија – Запад

Реакција од Запад немаше веднаш, но претходно, во повеќе наврати, десетици политичари од САД и од ЕУ испраќаа пораки до Балканот, Македонија и до Москва дека Кремљ е тој на кого „му одговара Западен Балкан да биде нестабилен регион, бидејќи само така може да ги оствари своите анти-западни намери и да го засили своето влијание врз земјите аспиранти за членство во НАТО и во ЕУ“.

Еден од нив беше и заменикот државен секретар Џон Саливан, кој од Скопје испрати директна порака до Москва.

„Се залагаме за безбедноста и стабилноста на Југоисточна Европа, а Македонија е клучен дел од таа стабилност. Секако ја сметаме Македонија за лидер во регионот со оглед на нејзините заложби за мир, стабилност и соработка. Не е тајна, на сите тука ни е познато, дека Русија се спротивставува на Преспанската спогодба. Никој нема сомнежи дека Русија ќе направи се што може, во сопствен интерес, наспроти интересот што го имаат граѓаните на Македонија, да го поткопа процесот“, рече Саливан.
Веднаш по Путин, во иста насока се огласија, и шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и неговиот заменик Александар Грушко, кои само неколку дена претходно најавија дека прашањето за промената на името на македонската држава ќе го отворат пред Советот за безбедност на ОН.

Во НАТО по своја волја, а не под притисок како што вели Путин

И политиколозите и експертите во Македонија велат путинова Русија е таа која „сака нестабилен Балкан“ и дека македонското членство во Алијансата нема да биде резултат на западен притисок, како што вели официјална Москва во својата последна вербална офанзива, и нема да биде против волјата на граѓаните, бидејќи, како што вели универзитетскиот професор Денко Малески, зачленувањето во НАТО и во ЕУ е стратешката определба на Македонија уште од нејзиното осамостојување.

„Уште во 1991 година Македонија ги постави своите стратешки цели – членство во НАТО и ЕУ и сите политички партии и граѓаните се обединија околу тие цели. Тоа не е ситуација која САД и Европа ја измислиле сега, во овој момент заради некакви свои интереси туку е помагање во остварување на волјата на македонските граѓани искажана уште пред 27 години. За ние да станеме дел од Унијата и Алијансата, ние мора да се трансформираме во демократско и стабилно општество, и потоа, влегувајќи во НАТО заедно со земјите од регионот, ќе ја решиме нашата безбедносна дилема. Од друга страна Русија не поставува услови за нас туку бара ситуацијата да остане таква каква што е, но се со цел да се одржи нестабилност на регионот, нестабилност од која руската држава би имала корист“, ја коментираше изјавата на Путин, професорот Малески за Радио Слободна Европа.

Нестабилност или нафта?

Минатата недела рускиот претседател Путин го посети Белград, што според поголемиот дел од западните медиуми, била порака и за НАТО и за ЕУ дека „Москва нема лесно да се откаже од регионот“, особено потенцирајќи го прашањето за решавање на косовскиот проблем. Путин во Белград му даде високо одликување на српскиот претседател Александар Вучиќ и вети посилна соработка на двете држави и повеќе нафта и гас, за што српските и руските медиуми цела недела пред посетата пишуваа дека ќе се случи.
Ден претходно, во тој контекст, американскиот републикански сенатор Рон Џонсон, во интервју за Гласот на Америка, поздравувајќи го македонскиот напредок кон НАТО и изгласувањето на уставните измени во македонскиот Парламент, директно ја посочи Москва „дека таа, а не Западот, сака нестабилен и небезбеден Балкан“.

„Русија не нуди ништо освен нестабилност и можеби нафта и гас, но, нив можеме да ги добиеме и на друго место. Членството во НАТО ќе биде добра работа за Македонија“, изјави Џонсон.

Извор: РСЕ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e