Не се случајни и неслучајно се симболични последните порази на нашите ракометари и ракометарки. Толку блиску, а толку далеку – како што пее еден македонски шлагер.
За потсетување: ракометарките на „Вардар“ го изгубија финалниот натпревар за титулата европски ракометен шампион од домаќинот, унгарскиот шампион „Ѓер“, само со гол разлика и на продолженија. „Вардарките“ играа полетно, иако речиси сето време го бркаа резултатот. И иако играа против силен противник, против противничка публика, а може да се каже и против судиите, сепак беа толку блиску до остварувањето на целта, која не толку одамна изгледаше речиси недостижно – да бидат европски шампионки.
Слично се случи и со македонската ракометна репрезентација. Тие изгубија во квалификациите за Европското првенство во Хрватска 2018 година од домаќинот, репрезентацијата на Исланд, со еден гол разлика и речиси со ист резултат како претходниот натпревар. Македонските репрезентативци играа полетно, иако речиси сето време го бркаа резултатот. И иако играа против силен противник, против противничка публика, а може да се каже и против судиите, сепак беа толку блиску до остварувањето на целта, која не толку одамна изгледаше речиси недостижно – да го победат Исланд во гости.
Но, не успеаја. Иако не смееме да бидеме незадоволни. Речиси е извесно дека ракометарките на „Вардар“ прераснаа во шампионска екипа и дека само прашање на време е кога ќе се закитат и со европската шампионска титула – најверојатно веќе следната година. И, да, квалификациите за Европското првенство во Хрватска ни оддалеку не се завршени, а Македонија ги има сите шанси да го продолжи континуитетот на настапи на големи ракометни натпреварувања. А што е уште поважно, со овој резултат против Исланд, во Исланд, таа само покажува дека е респектабилна европска репрезентација, која може да игра рамноправно со големите европски сили, без оглед на кој терен настапува.
Целата колумна на Ѕвездан Георгиевски објавена на Призма прочитајте ја тука