„Бела чао“ за Виктор Орбан

Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент, имаше луцидна забелешка кога во пленарната сала во средата дел од левичарските пратеници ја запеаја „Бела чао“ за време на обраќањето и одговорите на унгарскиот премиер Виктор Орбан. Мецола рече: „Ова не е Евровизија“.

Точно, Европскиот парламент не е Евровизија, но вакви „инциденти“ во европскиот законодавен дом имало многу досега. Неговата работа воопшто не е стерилна (како што многумина замислуваат овде), повремено има извонредна напнатост, идеолошки пресметки, ораторски натпревари.

Зошто тогаш „Бела чао“ насочена кон Орбан предизвика поголемо внимание во европската јавност? Антифашистичката „Бела чао“ не одекнува само секоја година на 25 април низ Италија за да го одбележи крајот на фашистичката диктатура на Бенито Мусолини и германската нацистичка окупација. Последниве години тоа беше химна на антивладините протести во Иран, особено по убиството на девојката Неда; беше скандирана на барикадите во Украина, испеана од демонстранти за правата на жените во Полска и незаконски емитувана од минарињата на џамиите во Турција.

Од Чиле до Хонгконг, од „Окупирајте го Волстрит“ до „Петок за иднината“, стана врвен музички израз на копнежот за слобода.

Пеењето на „Бела чао“ беше само затворање на кругот од последните денови што го црташе Виктор Орбан, а кој заврши во Европскиот парламент со неговиот говор за унгарското претседателство во генерално непријателска атмосфера. Не беше само претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која упати тешки зборови кон Орбан, туку и преставниците на сите политички групи, освен новоформирана Патриоти за Европа, во која се екстремните десничари.

Цртањето на тој круг почна викендот пред Орбан да замине во Стразбур со веселбата на екстремните десничари во Италија, продолжи со маратонската прес-конференција на Орбан во вторникот во Стразбур и заврши со обраќањето пред европратениците. На прес-конференцијата Орбан изјави дека ќе отвори „неколку шишиња шампањско“ доколку Доналд Трамп се врати во Белата куќа следниот месец, нагласувајќи ги неговите разлики со главните европски лидери.

Шампањско ако победи Трамп

Унгарскиот премиер треба да биде домаќин на колегите лидери на ЕУ на самитот во Будимпешта неколку дена по американските претседателски избори на 5 ноември.

„Ќе отвориме неколку шишиња шампањско ако Трамп се врати“, рече Орбан во вторникот. Зборувајќи со новинарите, Орбан не се покаја за неговите таканаречени мировни мисии во текот на летото, кои вклучуваа посети на Москва, Пекинг и резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго, а од кои се дистанцираше Европската унија, иако тој сега претседава со неа.

Пристапот на ЕУ кон Украина е „глупав“, тврдеше тој, бидејќи војната не може да се добие на бојното поле и мора да има преговори. „Лично силно сум убеден дека нема решение на бојното поле и мислам дека стратегијата што ја следиме како Европска унија не е добра… тоа што го правиме е само губење, губење, губење и губење“, додаде тој.

Факт е дека Виктор Орбан сега ја има помалата функција – премиер на Унгарија, туку има поголемо место – еден од духовните водачи на европската екстремна десница. Токму поради тоа на Унгарија моментално ѝ се посветува многу повеќе внимание отколку што една земја со слична големина обично добива сама.

За време на викендот, тој отпатува во Италија, во малечкиот град Понтида кај Бергамо, на годишниот конгрес на партијата Лига на Матео Салвини. Со него беа неговата сопруга и историчарката Марија Шмит. Јадеше вкусна храна, одржа говор стоејќи пред голема толпа. Тој ги имаше покрај него оние што му требаа – Холанѓанецот Герт Вилдерс и Португалецот Андре Вентура. И тогаш и во Европскиот парламент тој размислува само во однос на континентот. Како одат неговите размислувања? Еве дел од нив што самиот подоцна ги сподели:

„Не треба да се повлечеме од Брисел, мораме да влеземе во него, Брисел мора да се заземе: мора да се одземе од бирократите и да му се врати на европскиот народ.

1. Го направивме првиот чекор, во Италија се формираше десничарска влада.

2. Го направивме вториот чекор, Вилдерс победи во Холандија.

3. Го направивме третиот чекор, Кикл победи во Австрија.

4. Го направивме четвртиот чекор, Бабиш победи на изборите за чешкиот Сенат.

5. Го направивме петтиот чекор формирајќи ја групата Патриоти, третата по големина група во Европскиот парламент.

Сега ја зајакнуваме европската Партија на патриотите и одиме напред по патот на обединување на десницата во Европа.

Нема запирање. На крајот на борбата, Париз ќе биде свртен, ќе ја вратиме Варшава и ќе станеме најголемата политичка сила во Европа. Тогаш ќе ја преземеме политиката на Брисел и ќе ја направиме Европа голема, силна, безбедна, богата и слободна повторно!“

Копнежот на Орбан да биде господар на Европа

Факт е дека во Европа има промена кон (екстремната) десница и дека партиите на континентот, кои се сметаа за екстремни пред неколку години, сега често се дел од мејнстримот. Но тоа не значи дека Виктор Орбан е мејнстримот или господарот на Европа: кога отиде да држи часови во Италија тој беше на конгресот на партијата која освои 8 проценти на изборите во Италија и 9 проценти на европските избори. Вилдерс навистина победи во Холандија, всушност неговата партија, а тој самиот не стана премиер, туку за таа функција беше пронајден поранешен член на Лабуристичката партија со социјалдемократско потекло и поранешен шеф на тајните служби. Партијата на слободата на Херберт Кикл победи во Австрија, иако не е сигурно дека ќе може да формира влада. Сите други австриски партии одбиваат да прават коалиција со него. Андреј Бабиш навистина победи на изборите за Сенатот во Чешка, но тој и натаму е во опозиција. Последниот факт е можеби најинтересен: Орбан заборава дека тој и натаму седи сам во Европскиот совет, кој има многу поголема тежина од Европскиот парламент, бидејќи тој е единствениот политичар на власт од групата Патриоти за Европа.

Тој зборува за свртување на Париз и за закрепнување на Варшава во исто време кога поранешната полска владејачка партија ПиС одби да се приклучи на групата на Орбан и реши да остане во Европски конзервативци и реформисти. Французите, кои со децении не можат да се справат со сопственото екстремно десничарско наследство, ја спречуваат Марин Ле Пен да дојде на власт на избори едни по други. Последен пат тоа го направија ова лето.

Изгледа дека Орбан едноставно не е заинтересиран за реалноста. Неговата земја е малку проруска, малку балканска, која видела многу лоши работи. Но неговите меѓународни планови секогаш треба некако да се прилагодат на целите за да се прогласи победа: сакаше да го окупира Брисел веќе ова лето, а потоа настаните и животот го однесоа во друг правец – не само што не го окупираше Брисел, туку и унгарската влада беше ставена во квази-агол со тоа што Оливер Вархеји сега како еврокомесар ќе биде одговорен за здравјето, како грижата и благосостојбата на животните, наместо за проширување. Овие две области со кои ќе раководи Вархеји се целосно во јурисдикција на земјите-членки.

Премиерот на Унгарија се чини дека конечно го најде она што неговите противници го нарекуваат најнепријатна фашистичка реторика, додека зборуваше за повторно поседување, окупации и слични работи. Во меѓувреме, тој планира некаква десничарска меѓународна коалиција, која ќе донесе богатство, просперитет и секако слобода.

Се разбира, слободата овде значи слобода на привилегираната класа, како што вообичаено значи модерната десничарска слобода: дека европскиот човек (= бел човек) може да го земе она што му припаѓа, слободно да ги навредува другите.

Тој зборува за окупација на Европа, додека во неговата земја условите се приближно исти како за време на светската економска криза во 2008 година. Се разбира, медиумите со јавни пари веќе со ентузијазам го направија лидер на европската десница. Кој не би сакал да биде лидер некаде.

Унгарскиот политички магазин „Маѓар наранч“ анализирајќи го овој говор на Орбан во Италија напиша:

„Се разбира, никој не очекува дека Виктор Орбан во Италија ќе ги анализира внатрешно-политичките предизвици на Унгарија, но дури и од тука луѓето ладно набљудуваат дека некој чии јавни служби во земјата полека се претвораат во куп урнатини планира да ја преземе Европската унија. Впрочем, што ќе се случи ако се случи окупацијата?

Дали ќе ја извезуваме брилијантната унгарска економија, а од сега па натаму и буџетот на ЕУ треба да се менува четири или пет пати годишно? Можеби, како голем бизнис, ќе може да се изградат железници во цела Европа со кинески заеми за толку пари што шините веројатно би биле од злато?“

За појаснување: брзата пруга што се гради од Будимпешта до Белград во нејзиниот унгарски дел стигна до трошоци од 700 милијарди форинти. Тоа се 1,75 милијарди евра. Пругата е во должина од 150 километри со два колосеци. Поминува само низ рамен терен, нема планини, нема ридови, нема тунели, само Панонската низина. Цената на чинењето постојано се зголемува. Затоа во април годинава Унгарија позајми една милијарда евра од Кина. За да ја заврши пругата. Пругата во најголема мерка ја градат Кинези. Во партнерство со најбогатиот Унгарец Лоринц Месарош, кој е и близок пријател на Орбан. А крупниот чакал, кој е многу суштински дел за секоја пруга, доаѓа од каменоломите во сопственост на таткото на Орбан. Конфликт на интереси? Зошто некој воопшто треба да прашува за вакви детали?

Трагедијата на екстремната десница

Хепенингот во Италија со Салвини, Вилдер и Вентура, потоа прес-конференцијата на Орбан и говорот во Европскиот парламент како претседавач со ЕУ, ја покажа трагедијата на модерната, фундаментално путинистичка екстремна десница: нема што да понуди надвор освен дека ќе покаже оти ќе победи. Таа нема намера да го подобри светот, нема опипливи цели, само оцрнување на другите: ќе бидеме големи, ќе бидеме слободни, ќе бидеме победници.

Како што оценува „Маѓар наранч“: „Никој не треба да се грижи, желбата за национална големина и станување водечка сила треба јасно да ја прикрие катастрофалната состојба на општеството и сто години по Бенито Мусолини“.

Еден од највепчатливите моменти од расправата во Европскиот парламент по говорот на Орбан беше обраќање на италијанската европратеничка Иларија Салис (Алијанса на Зелените и Левицата).

Таа беше во затвор во Унгарија од февруари 2023 до мај 2024. Беше уапсена под обвинение за наводен напад на неонацисти на нивниот настан во Будимпешта. Таа беше обвинета не само за наводен обид за напад, туку и дека припаѓала на левичарска организација. Салис ги отфрли обвинувањата, а немаше ниту поплака до полицијата од оние што наводно биле нападнати.

Во Италија избувна јавен гнев, а италијанската влада протестираше поради тоа што Салис беше донесена на судењето со синџири околу рацете и нозете.

Во мај оваа година Салис беше префрлена во куќен притвор во Будимпешта и кога на европските избори беше избрана за европратеничка, властите во Будимпешта мораа да ја ослободат бидејќи ужива имунитет.

Во обраќањето по говорот на Орбан, Иралија Салис рече:

„Ја знам Унгарија од нејзината најтемна страна: од затвор“. Таа го употреби терминот „модерна тиранија“ за однесувањето на унгарскиот државен систем, според кој владата ги казнува оние кои не се согласуваат со неа.

Затоа пеењето на „Бела чао“ додека Орбан беше во салата на Европскиот парламент дојде некако природно за левичарските пратеници. Тие го квалификуваат неговото владеење како „модерна тиранија“.

Дури 19 милијарди евра од фондовите на ЕУ се замрзнати за Унгарија поради загриженоста за контролата на владата врз судиите, задушената академска слобода, големата партиска доминација над медиумите и неуспехот да се справи со корупцијата, затоа што таа е главниот поттикнувач.

Љупчо Поповски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e