Бесмисленоста на македонската политика во која нѐ внесе Фамилијата одамна влезе во фаза на шутирање конзерва низ калдрма. Кој како ќе помине, ќе ја шутне конзервата понатаму, па колку високо таа ќе летне и каде ќе заврши е прашање на силината на ударот, на аголот од кој ламарината ќе се одбие од коцките во калдрмата, и дали некое ветерче ќе ја однесе уште некое метро понатаму. Работата е дополнително забавна заради тинг-пенг-звуците што ги произведува конзервата додека се удира по калдрмата. Бркотницата и турканицата за тоа кој прв да стигне до следниот шут е детски разиграна активност. На конзервата ѝ се врзаа црвено-жолти панделки, за да изгледа посвечено, а и кога ќе летне повисоко да може полесно да се лоцира и да се дочека со полн волеј при следното шутирање. Прекрасна пролетна забава, натпреварот во улично глупирање добива во масовност и енергија со секој изминат ден!
А наутро, додека децата блажено спијат и се одмораат од дневните бркотници по конзервата и вечерните прослави на тие дневни бркотници, истата онаа државна „конзерва“ на која ѝ се врзани црвено-жолтите панделки, се задолжува со нови десетина или сто милиони евра, за пензиите, платите и хонорарите на оние што ја шутираат конзервата да може уредно да се исплатат и овој први во месецот. И така со недели, со месеци, со години… Натпреварот во шутирање на конзервата продолжува со несмалено темпо, конзервата лета сѐ повисоко, навивањето е гласно и весело, а и времето се погоди, денот е сѐ подолг. Вистинска пролетна скапо платена уживанција.
СПЛЕСКАЈ ЈА КОНЗЕРВАТА!
Иако изгледа дека во целата таа бркотница нема никаков систем, идејата на Фамилијата е да се убие времето и да се измори противникот, конзервата да се сплеска до непрепознавање, за целата работа сосема да изгуби смисла: институциите се одамна испразнети од своето значење, она што можеше да се нарекува економија исчезнува со секој изминат ден и бидува заменето со кредитна спирала во која не се знае ни кој пие ни кој (не) плаќа, а и изборните резултати кои не можат да произведат логична последица во смена на власта полека стануваат неважни, токму какви што се и изгледите разумот да надвладее над бесмисленоста на шутирањето на конзервата по калдрмата.
Македонија поминува низ месеци на нешто што не може да се нарече поинаку, освен како отворен партиски апартхејд: вмровското партиско малцинство во државата, добро вооружено и низ тотално окупираните државни институции, безмилосно го тормози и се изживува врз големото мнозинство нејзини граѓани, истовремено цицајќи ги преостанатите пари и други животни сокови од тоа мнозинство граѓани и неповратно задолжувајќи ја нивната иднина, за да може сега да владее со него.
ЛА-ЛА-ЛЕНД
Парадоксално, режимот не ги оспорува изборните резултати, но не сака да ги признае последиците од нив. Бидејќи ја изгубија власта во најелементарните параметри на демократијата – кој има мнозинство, тој владее во државата – тие сега ја оспоруваат смислата на значењата на поимите „мнозинство“, „власт“ и „држава“. Па, така, „мнозинството“ кое не е на нивна страна е помало во однос на вооруженото, агресивно и криминализирано малцинство; „власта“ не мора да значи дека треба да е легална и легитимна за да се владее, бидејќи може и безвремено да се „легитимира“ во форма на разни „вршители на должноста“ (земете го подвижното тело „Емил Димитриев“, на пример, кому сѐ уште најголем дел од граѓанството не може да му го погоди ни името ни функцијата што „легитимно“ ја извршува); а за „државата“, македонската, тие никогаш во историјата на своето постоење и немале јасна визија што треба да биде, сѐ додека е географски определена територија што може да се владее со повремени пљачкосувања на населението. Еден вид преработка на Ла-Ла-Ленд, во трагикомично издание. Македонија сфатена како конзерва што се шутира низ калдрма.
ДВЕ ОПЦИИ
Во суштина, можни се две разрешници на целата ситуација: „тврда“ и „мека“. „Тврдата“ опција подразбира предизвикување на блефот на Фамилијата со „материјализирање“ на изборното мнозинство низ процеси што ќе доведат до постепено омасовување на незадоволството против партискиот апартхејд со кој сѐ уште владее ВМРО-ДПМНЕ со Македонија. Тоа значи победничките партии на изборите да започнат со повторна мобилизација на својата изборна поддршка, што неминовно ќе води до масовни контрапротести по македонските калдрми и постепено преземање на „конзервата“ што сега комотно ја шутираат поддржувачите на Фамилијата.
Таа опција не исклучува конфликти, на секакви нивоа и во секакви форми – напротив, таа опција ќе треба да одговори на конфликтите што ги проектира апартхејдот како ултимативна закана за одржување на парализата на општеството со кое нелегитимно и илегално владеат. Отпорот, доколку мора и без избегнување на наметнати конфликти, ќе ги заземе институциите на државата како легално и легитимно стекнато изборно право. Повторната граѓанска мобилизација ќе го спречи интеретничкиот расплет на кризата што го посакува Фамилијата, која се надева дека времето работи против енергијата на обединетото граѓанство, а во корист на етничките поделби. Колаборацијата на Никола Груевски и Али Ахмети во развојот на таквото сценарио и сега не треба да се потцени, како и решеноста на Русија политички, а можеби и практично, да ја помогне нивната страна во таквиот развој на настаните.
„Меката“ опција, пак, е онаа што сега се одвива: во изминатите две години, Груевски од апсолутен владетел со животот и смртта во Македонија, со гандиевски методи на „лажичка по лажичка“, се доведе во состојба на изборен губитник кому сега само голиот партиски апартхејд му преостана како средство за малтретирање на државата. Покрај домашните политички консеквенции, „меката“ опција доведе до комплетно губење на западната меѓународна поддршка за Груевски, како и распад на пропагандниот наратив со кој владееше, а кој сега мака мачи да допре барем до поголемиот број членови на неговата морално-политички полураспадната партија, но со финансиски пребогата партиска врхушка. Логиката на оваа опција е дека настаните – со избегнување на опцијата за одговор на наметнатите конфликти – ќе продолжат да се одвиваат во неминовен правец, со опиплив и дефинитивен неповолен резултат за Фамилијата. И со нивно завршување во затвор.
Мислам дека тоа е тоа. Времето полека истекува за обете опции, ред е целото општество да биде свесно за последиците. На крајот нема да остане ни конзерва што ќе можеме да ја шутнеме низ калдрма.
Колумна на Сашо Орданоски за Слободен печат