Според Finance Think позитивните придвижувања кај БДП се проследени со понатамошно значајно намалување на невработеноста на 17,8 отсто на крајот од првиот квартал од 19,4 отсто на крајот од претходниот квартал. Овој пад, сметаат, и понатаму се должи на зголемената побарувачка за работници во приватниот сектор, особено кај големите работодавачи и во слободните зони, а делумно и на раздвижениот пазар на труд поради активните мерки за вработување.
-Согласно ваквите резултати и очекуваните движења и политики во 2019, Finance Think ја задржува проектираната стапка на раст на БДП за 2019 на 3,3 отсто, со значајно изразени нагорни изгледи. Ваквата проекција може да биде и значително натфрлена до крајот на годината, доколку Владата стави брз и интензивен фокус врз економијата и особено врз омозвожувачката средина за приватниот бизнис сектор. Позитивен перцептивен импулс за растот ќе има и отпочнувањето на процесот на преговори со Европската Унија, наведуваат од Finance Think.