Заев за влезот на Алтернатива во Владата: Oвој Договор e создаден заради интересот на граѓаните

На денешната прес конференција премиерот Зоран Заев изјави дека од денеска официјално е постигнат договор со партијата „Алтернатива“, за обезбедување стабилно парламентарно мнозинство.

„Стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Северна Македонија. Новото мнозинство е одговор на барањето и потребите на граѓаните за стабилност. Граѓаните бараат стабилност – еве, испорачуваме стабилност“, рече Заев и додаде дека новото мнозинство е одговор на потребите на државата и на предизвиците кои се исправени пред нас како општество.

„Вредноста на овој Договор создаден заради интересот на граѓаните е што е постигнат низ консултации и со искрен пристап кон предизвиците кои заеднички ги споделуваме. Се здруживме околу заедничката определба дека во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет и преземањето јасно утврдена одговорност пред граѓаните. Тоа е исклучиително важно во време на сериозни предизвици, дома и на глобален план“, истакна Заев.

Според премиерот постигнатиот договор е гаранција дека владата има мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со ковид-19 панедмијата и се разбира глобалната енергетска криза.

„Како коалициони партнери од новото стабилно парламентарното мнозинство, едногласни сме дека на Северна Македонија и е потребна Влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е неопходен јасен евроатлантски курс на дејствување. Само во такви услови можеме да чекориме напред, да продолжиме достоинствени да бараме решение со Бугарија и да очекуваме почеток на преговорите со ЕУ“, порача Заев.

Тој исто така упати порака и до ЕУ и, како што рече, посебно до пријателска Бугарија.

„Во Северна Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство и подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашто пријателство меѓу двете држави и двата народи. Ние сме братски народи“, рече Заев.

„Почеток на преговорите ни треба веднаш, затоа што ги имаме исполнето сите услови. “Европеизација веднаш, европеизација постојано” е нашата заложба на која ќе работиме со полн капацитет.

Имаме мнозинство за стабилна влада и за сериозни решенија кои ќе ги држат здравствениот и енергетскиот систем – стабилни. Во време на глобална пандемиска криза и неизвесност и во време на европска енергетска криза, на Северна Македонија најпотребна и е токму стабилна Влада, а не повторно избори.

Се водевме од императивот за стабилно парламентарното мнозинство и за да се стави крај на опструкциите во Собранието. Ефикасност на Собранието е во интерес на граѓаните и нивните потреби. Да ги совладаме блокадите низ дијалог во Парламентот и да и дадеме сила на Владата во спроведување на програмските политики околу кои постигнавме согласност и кои се во интерес на граѓаните.

Наша заедничка констатација, која ја зајакнува новата коалиција, е дека на Северна Македонија и на граѓаните на земјата не им се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори.

Вонредни избори единствено би ја втурнале земјата во нова политичка, економска и општествена неизвесност, но и ризик одново да се закочат европските интеграции. Доста беа кризи и незивесности. На нашата татковина и треба мирен и стабилен период.

Затоа, постигнавме договор со Алтернатива за влада и парламентарно мнозинство до крајот на актуелниот мандат, односно до 2024 година, со амбиција и да продолжи. Нема стабилност со вонредни избори. Затоа, вонредни избори нема да има – за да има стабилност, рече Заев во пораката упатена до граѓаните.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e