Заев: Немаме план „Б“ ако некој тргне кон блокада

Немаме план „Б“ ако некој тргне кон блокада, планот „Б“ е да го вратиме на планот „А“ зашто веруваме дека сите аргументи на светот се обезбедени низ болниот процес што го помина нашата земја, но не очекувам Бугарија или Грција да ги блокираат нашите евроатлантски интеграции, туку напротив да бидат наша авангарда и наши адвокати да се залагаат за почеток на преговорите за членство со Европската Унија и за полноправно членство во НАТО, порача премиерот Зоран Заев во одговор на пратеничко прашање.

Тој по објавувањето на бугарските црвени линии за историјата прецизира дека на македонската комисија и дава насоки да не се залагаат за воспоставување на апсолутната историска вистина, туку да утврдат одредени факти кои досега се констатирани, но низ призмата на пријателство за да се постигне целта – да бидат модерни европски држави со модерни европски народи.

-Целта на преговорите е како ќе си ги вреднуваме нашите идентитети на Балканот, но тоа да не предначи пред иднината на нашите граѓани. И договорот со Бугарија и догворот со Грција ги гарантира идентитетските прашања и дава сериозни перспективи на нашата земја и сме во предвечеријето на историската одлука – добивање датум за почеток на преговори со ЕУ после 15 години, рече Заев на седницата на Собранието посветена на пратенички прашања.

Комисиите, како што кажа, не треба да имаат аспирации да утврдат конечна историја.

-Историјата живее, диши се дебатира и со тек на времето ќе се утврдат нови и нови историски факти. Но, постојат и историски факти кои не се оспорени од ниту една од страните. Затоа и укажуваме на нашата Комисија – немојте да се плашите ако нешто е документирано и историски прифатено од двете страни, цитирајте документи и зборувајте за нив. Најдете начин како низ нив да градиме пријателство, а не да биде нешто што повторно ќе не разделува, посочи Заев.

Нагласи дека со договорите со Бугарија и Грција нема сомнеж за идентитетот и прецизира дека бугарскиот премиер Бојко Борисов во Монополот во Скопје говорел за македонски народ исто како што тој отворено зборува за заедничка историја.

-Во функција на двата договора треба да изнаоѓаме прагматични начини, но тоа не значи дека треба да ги ризикуваме нашите чувства, нашите права, нашето битие или слично. Како човек кој ги договараше двата договора не се чувствувам помалку Македонец од другите и не верувам дека некого повеќе го боли македонштината од мене. Но, истовремено гајлето и обврската да обезбедиме иднина преку идентификација на идентитетот ме прави озарен пред иднината која ја очекувам со надеж дека ќе ни ги задржи младите тука. До крај ќе ги постигнуваме решенијата  низ комисиите преку имплементација на договорите, но на внимателен начин. На начин на кој ќе се зборува за фактите, за она што е прифатено како документи и за она што е досега утвредно, но ќе ги оставиме отворени вратите и за утврдување нови факти од наредните генерации, потенцира Заев.

Ознаки:

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e